Хаос во Сенегал: Папе Геј го нападна селекторот и ја замрзна репрезентативната кариера по елиминацијата од Белгија
Елиминацијата од Белгија во осминафиналето на Светското првенство предизвика вистински потрес во репрезентацијата на Сенегал. Само неколку часа по драматичниот пораз од 3-2 по продолженија, играчот од средниот ред Папе Геј објави дека ја прекинува репрезентативната кариера сè додека на селекторската позиција е Папе Тијао.
Препорачано
Според тамошните медиуми, причината за незадоволството е одлуката на селекторот да го замени Геј во 66. минута од натпреварот. По неговото излегување, Белгија успеа да се врати од негатива од 2-0, да избори продолженија, а потоа со гол од пенал во 125. минута да обезбеди пласман во четвртфиналето.
Фудбалерот на Виљареал незадоволството го изрази преку социјалните мрежи.
„Сè додека овој стручен штаб ја води репрезентацијата, ќе направам пауза од настапите за националниот тим“, порача Геј.
Папе Геј досега има 45 настапи и седум голови во дресот на Сенегал, а беше еден од важните играчи во генерацијата што минатата година ја освои титулата на Африканскиот куп на нации. Неговата одлука претставува сериозен удар за селекцијата, која и покрај добриот настап на Мундијалот, турнирот го заврши на најболен можен начин – со примен гол во последните секунди од продолженијата.
ВИДЕО | Алајбеговиќ против Катар го постигна еден од најубавите голови на Мундијалот


