ВИДЕО: ЛАСК само го налути Ливерпул, римската „волчица“ славеше против Шериф Тираспол

Официјално започнаа возбудувањата и од групната фаза во фудбалската Лига Европа, еден од фаворитите за освојување на титулата оваа сезона, Ливерпул како гостин со 1:3 го совлада ЛАСК.
По првото полувреме изненадувачки водеа Австријците со прекрасниот погодок на Флекер во 14 минута.
Пресвртот на стадионот во Линц играчите на Јирген Клоп го направија во вториот дел, во 56 минута од белата точка израмни Нуњез.
За 1:2 се погрижи Дијаз по асистенцијата на новото летно засилување Гравенберх во 63 минута, а еден од најголемите ѕвезди во тимот на „црвените“, Салах го постави конечниот епилог во 88 минута.
Рома не дозволи изненадување на гостувањето против Шериф Тираспол (1:2). Непосредно пред паузата „волчицата“ поведе преку Паредес.
Молдавците во 57 минута израмнија благодарение на голот на Товар, а трите бода за клубот од Рим ги донесе Лукаку во 65 минута, а асистент беше Кристанте.
Во другите мечеви од првото коло во Лига Европа: Баер Леверкузен – Хакен 4:0, Панатинаикос – Виљареал 2:0, Карабах – Молде 1:0, Рен – Макаби Хаифа 3:0, Ројал Унион СГ – Тулуз 1:1, Сервет – Славија Прага 0:2.