ВИДЕО | Јокиќ постигна рекордни 56 поени – Денвер загуби од најлошиот тим во НБА
Српскиот кошаркар Никола Јокиќ постигна 56 поени, што е рекорд во неговата НБА кариера и речиси половина од поените на Нагетс, но тоа не му помогна на Денвер на гостувањето против најслабиот тим во НБА. Вашингтон славеше 122:113.
Препорачано
Визардс беа во серија од 16 последователни порази и со сооднос 2:18. Таа серија беше најлошата активна во НБА лигата и го израмни негативниот рекорд на клубот. Тимот од Вашингтон и минатата сезона имаше 16 последователни натпревари без победа.
Јокиќ, трикратниот МВП во НБА, натпреварот против Вашингтон го заврши со 56 поени. За рекорд во кариерата шутираше 22/38 од поле и 9/13 од линијата за слободни фрлања.
Претходниот најдобар учинок на Јокиќ беше 50 поени, кои ги постигна против Сакраменто во февруари 2021 година. Овие 56 се исто така вториот најдобар офанзивен учинок во историјата на Денвер. Повеќе постигна само Дејвид Томсон, кој застана на 73 поени против Детроит во 1978 година.
Јокиќ од синоќа е и втор стрелец во клупската историја со 14,704 поени. Зад себе го остави Ден Изел (14.659), а пред него е само Алекс Инглиш (21,645).


