ВИДЕО | Ирански жени горат фотографии од Хамнеи за да запалат цигари
Протестниот гест, кој кружи на социјалните мрежи, се смета за тешко кривично дело во Иран и може да се казни и со смрт. Жените што палат цигари со изгорени фотографии од врховниот лидер Али Хамнеи станаа нов симбол на отпор против режимот, економската криза и строгите општествени ограничувања. Властите одговараат со репресија, апсења и контрола на информациите, додека незадоволството на улиците продолжува да расте.
Една провокативна слика што кружи на социјалните мрежи повторно го насочи вниманието кон Иран: жени кои палат цигари, користејќи изгорени фотографии од врховниот лидер Али Хамнеи.
Препорачано
Од иранска гледна точка, тоа не е обичен гест, туку чин што може да носи и смртна казна — особено кога го изведуваат жени, кои ионака се под постојана социјална стигматизација.
Палењето портрет на врховниот лидер во Иран се третира како тешко кривично дело. Кога тоа го прават жени, симболиката станува уште поостра: судир меѓу политичкиот авторитет и строгите родови норми. Ризикот не е апстрактен.
An Iranian girl burns a picture of Ayatollah Khamenei and lights her cigarette, a new trend in Iran!
Young Iranian women are leading the revolution against the Islamic regime.#iran #Iranian #Ayatollah #AyatollahKhamenei pic.twitter.com/ndZT8yY4kI
— GNW News ⚡ Genuine National Window (@gnwnews_a) January 10, 2026
Во октомври 2025 година, младиот активист Омид Сарлак објави видео на кое пали фотографија од Хамнеи. Неколку часа подоцна беше пронајден мртов во својот автомобил со прострелна рана. Властите случајот го квалификуваа како самоубиство, но семејството и бројни активисти тоа го оценија како крајно сомнително.
Погребот на Сарлак се претвори во политички собир. Ожалостените јавно скандираа „Смрт за Хамнеи“, а неговата смрт стана уште еден симбол на отпорот кон режимот.
Протестниот бран започна на 28 декември 2025 година, поттикнат од драматичната економска состојба. Инфлацијата достигна рекордни 48,60 проценти во октомври 2025 година, цените нагло пораснаа, а националната валута ријалот продолжи да паѓа.
Подоцна, економското незадоволство прерасна во пошироко антивладино движење кое отворено бара системски промени, а не постепени реформи.
На улиците на Техеран и во други градови одекнуваа пароли како „Смрт за Хамнеи“, но и „Пахлеви ќе се врати“, со што демонстрантите директно се повикуваа на поранешниот престолонаследник Реза Пахлеви.

Жените повторно се во првите редови на отпорот. Палењето цигари со фотографии од Хамнеи се наметна како силен културен мотив – визуелен израз на длабока фрустрација од режимот, но и од долгогодишните родови ограничувања.
Ова не е првпат тие масовно да излезат на улиците. Во 2022 година, Иран беше потресен од повеќемесечни протести по смртта на Махса Амини во притвор на моралната полиција.

Амини беше уапсена поради наводно кршење на строгите правила за носење хиџаб и, според бројни извештаи, брутално претепана, што ја стави темата за правата на жените во самиот центар на јавната дебата.
Одговорот на властите беше жесток. Безбедносните сили, вклучително и Иранска револуционерна гарда, се судрија со демонстрантите во повеќе градови. Организациите за човекови права известуваат за десетици загинати и илјадници уапсени. Истовремено, беа регистрирани прекини на интернетот и комуникациите – потег што многумина го толкуваат како обид да се спречи координацијата на протестите и да се сокрие реалниот обем на насилството.

Случувањата во Иран предизвикаа и меѓународна осуда. Светските лидери изразија сериозна загриженост поради континуираните кршења на човековите права, додека протестните симболи како жените што палат цигари со изгорени портрети продолжуваат да ја поткопуваат сликата на недопирливост на режимот.


