ВИДЕО | Хаос пред летната сезона — туристите целосно го преплавија брегот на Амалфи
Брегот на Амалфи викендов беше преплавен со туристи, а снимките од тесните улички во Позитано и Амалфи предизвикаа бурни реакции на социјалните мрежи и нови дебати за прекумерниот туризам во Италија, пишува „Телеграф“.
Препорачано
На видеата што се шират на интернет се гледаат илјадници посетители буквално збиени еден до друг низ тесните улици на Позитано, додека во Амалфи се формирале огромни редици за траекти кон Капри и околните острови.
Салваторе Гаљано, сопственик на луксузен хотел во крајбрежното место Прајано, остро реагирал на ситуацијата.
„Ова се сцени како од Третиот свет. Патиштата се тесни, а кога ќе се блокираат настанува целосен хаос“, изјавил тој за „Телеграф“.
Според него, голем дел од туристите се еднодневни посетители кои трошат малку пари и најчесто купуваат само евтини сувенири, додека метежот го уништува имиџот на Амалфи како луксузна и мирна дестинација.
„Убавината на брегот Амалфи се уништува. Не можеме да поднесеме толку многу луѓе“, додал Гаљано.
Локалните жители велат дека поради гужвите понекогаш не можат нормално ниту да се движат низ сопствениот град.
„Ние, жителите, сме принудени да се затвораме дома бидејќи очигледно сè уште не сме научиле да летаме“, напишал еден жител на Фејсбук.
Особено голем проблем претставуваат крузерите, кои секојдневно носат илјадници туристи во малите крајбрежни места.
Само за 48 часа, крајбрежната стража регистрирала повеќе од 28.000 патници што пристигнале на островот Искија, додека илјадници други отпатувале кон Капри и Прочида.
Градоначалникот на Амалфи, Даниеле Милано, призна дека жителите и угостителите имаат право да бидат незадоволни, но нагласи дека локалните власти немаат моќ да ги спречат крузерите да пристигнуваат.
„Мора да се воведат посебни правила за управување со ваквите туристички бранови во најпопуларните дестинации“, изјавил тој.
Инаку, уште минатата година градоначалниците на 25 туристички градови во Италија, меѓу кои Амалфи, Капри и Позитано, одржаа кризен состанок посветен на проблемот со прекумерниот туризам.
ВИДЕО | Гола туристка позираше пред катедрала и ги налути Италијанците


