ВИДЕО | Халибартон со победничка тројка го урна Кливленд, Индијана води со 2:0 на Истокот
Кошаркарите на Индијана направија големо изненадување во НБА плеј-офот, совладувајќи го првопласираниот Кливленд со 120:119, за водство од 2:0 во полуфиналната серија во Источната конференција.
Препорачано
Херој на Пејсерс беше Тајрис Халибартон, кој ја погоди победничката тројка на 1,1 секунда до крајот на натпреварот. Тимот на Рик Карлисл направи пресврт со серија од осум поени во последните 47,9 секунди и ја запиша својата втора победа.
Халибартон прво се избори за слободни фрлања, го погоди првото, а по промашувањето во второто, имаше офанзивен скок и погоди тројка за сензационална победа. Тој го заврши натпреварот со 19 поени, од кои 11 ги постигна во последната четвртина.
Покрај Халибартон, за тимот на Индијана се истакнаа Мајлс Тарнер и Арон Несмит со по 23 поени. За „Пејсерс“, ова е прв пат од 1994 година да ги добијат првите два натпревари од плеј-оф серијата на гостински терен.
Од друга страна, Донован Мичел блескаше за Кливленд со 48 поени, но дури ни тоа не беше доволно. Кавалирс играше без тројца важни играчи – Еван Мобли, ДеАндре Хантер и Дариус Гарланд, кои го пропуштија мечот поради повреди.
Следниот дуел од серијата ќе се игра во Индијанаполис, каде што Пејсерс ќе имаат шанса да се доближат на чекор од финалето на Истокот.


