Ненад Савески даде заклетва за нов државен јавен обвинител / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

ВИДЕО+ФОТО | Савески даде свечена изјава: Политиката не била и нема да биде дел од мојата работа

Новиот републички обвинител Ненад Савески денеска даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши, со што официјално ја презеде функцијата. По изјавата Савески рече дека интересите на политичките партии не се негов интерес и дека обвинителството мора да функционира исклучиво врз основа на законите, без влијание од политиката.

Ненад Савески даде заклетва за нов државен јавен обвинител / Фото: Слободен печат – Драган Митрески
Ненад Савески, државен јавен обвинител / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

„Политиката не била и нема да биде дел од мојата работа. Без оглед на тоа колку гласови сум добил, мојата работа ќе зависи од законските обврски“, изјави Савески, осврнувајќи се на фактот дека неговиот избор не доби поддршка од опозицијата.

Савески се заблагодари за изборот и истакна дека му е познат обвинителскиот систем и оти очекува заедно со сите јавни обвинители добро да си ја вршат својата работа и да ги задоволат очекувањата на граѓаните.

„Најпрво да се заблагодарам на судиите, за сите убави моменти поминати, потоа на Владата која ме предложи и на пратениците кои ме поддржаа. Благодарност до сите пратеници кои покрај поддршката со гласањето за моето именување, и на сите пратеници генерално кои имаа коректни ставови. Тоа за мене е голема одговорност. Го познавам обвинителскиот состав и верувам во нив, и заедно со нив ќе ги задоволиме очекувањата на граѓаните во чие име, Устав и закон постапуваме ние јавните обвинители. Да бидам искрен очекував поширока поддршка. Секој кажан збор во поглед на вчерашната расправа, секој збор беше од големо значење. Товар не чувствувам, политиката е на политичките партии, никогаш не била мој интерес, ниту во минатото, ниту во иднина. Без оглед колку гласови сум добил, одговорноста зависи од тоа што како законска обврска е предвидено. Пред себе сум го имал Уставот, законите и меѓународните стандарни и сите меѓународни документи кои се дел од нашиот правен поредок“, изјави новиот републички обвинител.

Тој уште еднаш повтори дека нема да прави приоритети на предметите, туку нагласи дека секој предмет е подеднакво важен.

„Кажав дека секој предмет има еднакво значење. Нема да правам приоритети на предмети, само според законски основ на оние предмети кои ќе имаат приоритет. Јавноста вклучително тука и политичката јавност, има право да има очекувања, имаат право да го коментираат постапувањето на јавните обвинители“, рече Савески.

Големи се и сомнежите за новиот обвинител Ненад Савески и очекувањата од него – Слободен печат

Собранието, вчера, со 66 гласа „за“ го избра Савески за нов републички обвинител.

Савески ќе биде деветти републички обвинител на Македонија од независноста во 1991 и 19-ти од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски.

Во согласност со Законот за Јавното обвинителство, член 63, мандатот на државниот обвинител е шест години, со право на повторен избор.

Савески, кој досега беше судија во Основниот кривичен суд – Скопје, за државен јавен обвинител беше номиниран од Владата на 10 март. Во постапката за избор, покрај Савески, позитивно мислење од Советот на јавните обвинители добија и сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот