Големи се и сомнежите за новиот обвинител Ненад Савески и очекувањата од него
Никој немаше забелешки за професионалната биографија на новиот обвинител Ненад Савески во Собранието, но својот мандат што му го дадоа пратениците ќе го почне без поддршка на опозицијата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Со 66 пратенички гласа „за“, досегашниот судија во Кривичниот суд е избран за нов републички јавен обвинител, кој беше предложен од Владата од четворица кандидати. Додека за власта тој е човек со сериозна биографија, без црни дамки во кариерата, опозицијата го обвини дека Савески е партиски обвинител на ВМРО-ДПМНЕ. На дебатата не беше пропуштено да се каже дека Савески беше предлог на власта во услови кога премиерот веднаш ја елиминираше кандидатката за републички обвинител Ленче Ристоска.
Предлогот на Владата го образложи вицепремиерот и министер за транспорт и врски и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Николоски: Прв што треба да испорача правда во Македонија
– За жал, оваа состојба во која е обвинителско-правосудниот систем е состојба што не дава доверба кај граѓаните, состојба што тера многу од граѓаните да не веруваат во системот, почесто да има неправда отколку правда, а и тогаш кога има правда, поради скепсата која постои меѓу граѓаните, тие да се прашуваат дали навистина се донела правилната одлука. Не случајно нема разговор, нема дебата и нема сериозни критики за обвинителско-правосудниот систем, како што не случајно рејтингот на овие две институции е околу два отсто. Тоа ќе е сериозна задача за новиот јавен обвинител кој го предлагаме, тоа е магистер Ненад Савески, човек кој е долго во обвинителско-правосудниот систем, со сериозен стаж и искуство, човек што бил обвинител, судија и сега повторно ќе ја има шансата да е прв меѓу обвинителите. Станува збор за човек што е еден од светлите примери во македонското судство и обвинителство, кој зад себе нема дамки. Имаме човек што е мотивиран и кој ќе биде прв што треба да испорача правда во Македонија – рече Николоски пред пратениците.
Иако пратениците од опозициската СДСМ немаа забелешки за професионалната биографија на Савески, сепак наметнаа сомнежи во намерата на власта да го претвори Обвинителството во продолжена рака на политиката, бидејќи „со изборот на Савески во време кога се носи новиот Закон за јавно обвинителство постои опасност од партиски влијанија“.
– Јавно го прашуваме дали ќе го искористи членот 36 од Предлог-законот за да ги казни со ниски оцени сите негови колеги кои ќе одбијат да ги затворат истрагите за „Пирамид билдинг“ и за стратешкиот тендер од 1,74 милиони евра. Дали ќе се спротивстави на рамките што го прават зависен од политиката и ќе покаже дека правдата е над партиските интереси? Дали неговата програма за работа предвидува ревизија на сите тендери доделени во општините под контрола на ВМРО-ДПМНЕ или наместо тоа ќе биде стечаен управник на партиски интереси? Дали ќе поднесе оставка доколку Владата се обиде да спречи истражување на криминалот на актуелната власт со што ќе покаже дека ќе го чува интегритетот на институцијата? Не зборуваме против личноста, туку против системот што се гради за да се контролираат луѓе и да се потисне правдата. Секое идно сомнително постапување ќе се смета за директно исполнување на долгот кон партијата што го избрала кандидатот. Нема да гласаме против, затоа што тоа би било протолкувано од Владата како опструкција на европската агенда. Европската агенда за нас е исклучително важна, за разлика од вас кои ја ставате на маргините. Реформата е потребна, но извршителот е компромитиран, т.е. предлагачот е толку компромитиран што е инфицирана и биографијата на Савевски – порача пратеничката на СДСМ Јованка Тренчевска.
Савески најави крај за „фиока-системот“: Сите предмети се важни, со нив се решаваат човечки судбини
Пратеничката, пак, од ЛДП, Моника Зајкова ја оспори и процедурата во која Савески беше предложен за јавен обвинител, во услови кога обвинителката Ленче Ристоска и покрај нејзиниот кредибилитет беше елиминирана.
– Кога се оттурнуваат професионалци, а се туркаат погодни решенија, довербата кај граѓаните ќе продолжи да паѓа – додаде таа.
Според неа, иако формално процедурите биле испочитувани, суштинскиот впечаток е дека Владата ја има клучната улога во изборот.
– Повторно се создаде впечаток дека политиката има последен збор таму каде што треба да владее правото – рече Зајкова.
На новиот обвинител Савески, таа му порача дека пред него стои голема одговорност и дека за да биде добар обвинител не е доволно да се биде само добар правник, туку е потребна и храброст да се остане имун на политичките влијанија, да се отворат сите предмети и дека граѓаните не бараат совршен обвинител, туку праведен и независен.
– Имате шанса да ја вратите довербата и да покажете дека правдата не е мртва. Или ќе ја ослободите правдата, или ќе останете соучесник – рече Зајкова.
Таа нагласи дека проблемот не е во поединечни имиња, туку во системот на избор кој, според неа, секогаш остава простор за сомнеж за политичко влијание.
Зајкова упати порака и до власта да не се меша во правосудството.
– Правдата не е ваша алатка. Институциите не се партиски продолжетоци и секое вмешување ќе биде препознаено и осудено – порача таа.
Реџепи: Обвинителството е селективно во делењето правда кон Албанците
Во дебатата можеа да се слушнат и обвинувања за поранешното Специјално јавно обвинителство. Николоски во својата реплика ја обвини претходната власт дека го контролирала правосудството и штитела партиски кадри.
– Претходниот обвинител доби година и пол, ставаше случаи во фиока, не решаваше предмети, не постапуваше и ги штитеше вашите пријатели од поранешното раководство на СДСМ. Кога зборуваме за контрола, сѐ уште најголем дел од судскиот и обвинителскиот совет се контролирани од Струмица, од Зоран Заев. Три илјади луѓе од ВМРО-ДПМНЕ ставивте под прогон. Луѓето уште не можат да дојдат при себе. Сменивте обвинители и формиравте СЈО кое заврши како што заврши, со торба со пари – изјави Николоски.
Во репликата тој изнесе и тврдења дека постоеле обиди за, како што рече, политичка пресметка со ВМРО-ДПМНЕ:
– Оваа што е генерален секретар на НАТО (Радмила Шекеринска, н.з.), целта ѝ беше со судска одлука да го затвори ВМРО-ДПМНЕ и да го прогласи за терористичка организација – рече вицепремиерот.
На ваквите обвинувања возврати Тренчевска, која оцени дека власта има намера да воспостави контрола врз правосудните институции.
– Од вашата реплика очигледно е дека сте загрижени само за Груевски. Да не заборавиме на заробената држава во времето на владеењето на ВМРО. И претходно и сега, вашата цел е да имате контрола врз правосудните органи. Токму поради тоа е нашата загриженост – изјави Тренчевска.
Партиите од албанскиот блок се задржаа на обвинувањата дека Обвинителството делело селективна правда за Албанците.
– Обвинителството е селективно во делењето правда кон Албанците, работите се движеле во таа насока. Има многу случаи во кои Албанците се соочувале со селективна правда, а сите јавни обвинители биле поддржани и од албанските претставници и ниеден од нив не бил внимателен и вршеле селективна правда во сите инстанции… Неправдата кон граѓаните не старее и не се заборава, треба да остане врежана и да посведочи дека одредена институција сите овие години правела неправда кон одредена категорија граѓани – рече Скендер Реџепи од Европскиот фронт.
Тој спомена повеќе случаи за кои оцени дека се вршела селективна правда, а особено ги потенцира „Алфа“, „Монструм“, но и случајот со пожарот во Кочани, за кој рече дека поранешниот обвинител направил селективна правда.
Биографија на Савески
Ненад Савески е судија во Основниот кривичен суд – Скопје, а за републички јавен обвинител беше номиниран од Владата на 10 март. Неговата кандидатура следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски, а по спроведена постапка, во која учествуваа петмина кандидати.
Роден е 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по правни науки – казнено право. Магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во Одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во гостиварскиот суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.
Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески наведено е дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Национална конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД.


