ВИДЕО | Ентони Хопкинс објави силна порака: „Бев алкохоличар, но сега мојот живот е многу подобар“
Актерот Ентони Хопкинс слави голем животен успех, поточно 50 години без пороци. Само два дена пред својот 88. роденден, оскаровецот на Инстаграм објави емотивно видео во кое се потсети на моментот кога одлучил да престане да пие и упати силна порака до сите кои се борат со оваа зависност.
Препорачано
Порака пред Нова година
„Еве нè, доаѓа уште една среќна Нова година. Многу веселба, многу забава и сето тоа. Затоа навистина добро забавувајте се“, започна Хопкинс.
„Им честитам на сите што доживеале уште една година. Мојот единствен проблем беше тоа што премногу добро се забавував, бидејќи пред точно 50 години за малку ќе загинев возејќи автомобил во пијана состојба и целосно помрачена свест. Така беше. Но тогаш сфатив дека премногу се забавувам. Тоа се викаше алкохолизам.“
View this post on Instagram
Актерот потоа упати апел до своите следбеници:
„Затоа, на секој што има макар и мал проблем со прекумерно пиење му порачувам, проверете го тоа, бидејќи животот е многу подобар. Така јас престанав. Без фалење, побарав помош и пред точно 50 години со тоа беше крај.“
Видео-пораката ја заврши со посебна порака:
„Изберете го животот наместо спротивното. Живот, живот, живот и уште живот. Инаку, за два дена ќе наполнам 88 години. Можеби сум направил нешто како што треба, не знам“, рече тој со смеа.
„Среќна Нова година и среќен живот!“
Патот до трезвеноста
Хопкинс со години отворено зборува за својата борба со алкохолизмот. Во своите мемоари „We Did OK, Kid“, објавени во октомври, ѕвездата на филмот „Кога јагнињата молчат“ се присети на клучниот момент кога лекарот го разбудил со сериозно предупредување, кога имал 37 години.
Лекарот тогаш изразил загриженост поради неговите навики со алкохолот, велејќи дека резултатите од прегледите покажуваат физичка состојба на маж од 50 или дури 65 години.
„Моите сеќавања од тој период се магливи“, призна Хопкинс.
„За време на годините на пиење нанесов многу болка. Никогаш не знаев дека сум алкохоличар. Негирањето е најголемиот убиец.“
Клучниот момент се случил една ноќ додека пијан возел низ Беверли Хилс и сфатил дека можел да убие некого.
„Додека се отрезнував, ги погледнав дрвјата евкалиптус и му се заблагодарив на Бог што таа ноќ никој не загина“, напиша тој.
„Слушнав глас кој ме праша: Дали сакаш да живееш или сакаш да умреш? – Сакам да живеам, одговори гласот од длабочината во мене. Тогаш слушнав глас кој рече: Сè е готово. Можеш да почнеш да живееш. Желбата за алкохол ме напушти. Беше единаесет часот, 29 декември 1975 година.“
По таа ноќ, Хопкинс му рекол на својот агент дека му е потребна помош. Успеал целосно да се посвети на лекувањето и, како што наведува, денес редовно посетува состаноци на програмата од 12 чекори.


