ВИДЕО | Елвир Мекиќ и Маја Саздановска снимија спот за „Опасно“, песна која е голем хит цели 18 години
Песната „Опасно“, која Елвир Мекиќ и Маја Саздановска ја испеаја пред цели 18 години, конечно доби свој видеозапис. Спотот беше објавен на јутјуб-каналот на „Урбан рекордс“, каде што наиде на бројни позитивни реакции од слушателите.
Препорачано
Како што откри Мекиќ, идејата да се сними спот за „Опасно“ после толку години ја дал продуцентот Иван Јованов – Ивајо.
„Јас и Маја веднаш се согласивме со тоа. Но, бидејќи сакавме да ги вклучиме и фановите, решивме во спотот да учествуваат и тие и да ни испраќаат свои видеа како ја пеат ‘Опасно’“, изјави пејачот.
Во видеото учествуваат и неколку познати имиња од македонската дигитална сцена, меѓу кои и водителката Нина Ред, фризерот Октај Сејди, како и шминкерот Даниел Николовски.
Песната „Опасно“ е создадена пред речиси две децении, по музика на Јован Јованов, додека текстот е дело на самиот Елвир Мекиќ. И по 18 години, таа звучи свежо и актуелно, потврдувајќи дека добрата поп-музика нема рок на траење.
Да потсетиме, Елвир Мекиќ и Јован Јованов најавија голем концерт на 6 јуни годинава, во арената „Борис Трајковски“. Токму таму нивните обожаватели ќе имаат можност да се потсетат на најголемите хитови на Мекиќ и Јованов, меѓу кои е и „Опасно“.


