Никола Топиќ/nikola14topic - Instagram

ВИДЕО | Eден од хероите на годината: Големиот српски талент по тешките хемотерапии и борбата со ракот се појави на терените

Младиот кошаркар на Оклахома сити тандер, Никола Топиќ, испрати силна и охрабрувачка порака откако за првпат оваа сезона се појави на паркетот иако сè уште е во процес на лекување од рак на тестисите.

Топиќ ја пропушти целата своја дебитантска НБА сезона 2024/25 откако претрпе делумно кинење на предниот вкрстен лигамент на левото колено. По долгиот процес на рехабилитација, српскиот плејмејкер успеа да одигра само еден претсезонски натпревар, но веднаш потоа следеше нов, уште потежок удар, дијагноза на тестикуларен карцином.

Никола Топиќ/ EPA/ANDREJ CUKIC

Генералниот менаџер на Тандер, Сем Прести, уште во октомври ја информираше јавноста за здравствената состојба на младиот кошаркар, откривајќи дека била извршена медицинска процедура со цел биопсија, по што лекарите потврдиле дека станува збор за рак на тестисите.

„Процедурата беше неопходна за да се изврши биопсија, а резултатите покажаа дека Никола се соочува со рак на тестисите. Тој има извонреден тим онколози, како од Универзитетот во Оклахома, така и од клиниката МД Андерсон, и сите тие се исклучително позитивни во врска со неговата прогноза. Важно е да се истакне дека ова е најизлечивиот облик на рак кај мажите“, изјави Прести.

Првиот човек на кошаркарските операции во Оклахома додаде дека лекарите препорачале хемотерапија како најсоодветен третман во моментов, а Топиќ сакал информацијата да стане јавна дури откако официјално ќе започне со терапијата.

Иако е официјално надвор од терените и за сезоната 2025/26, Топиќ не се оддалечи од тимот. Напротив, тој редовно е присутен во салата, патува со екипата и е дел од секојдневието на Тандер, покажувајќи силен карактер и посветеност и во вакви моменти од кариерата.

Пред натпреварот против Лос Анџелес Клиперс, новинарите за првпат сезонава го забележаа Топиќ како шутира и се загрева заедно со соиграчите на паркетот во „Пејком центарот“. Иако стануваше збор само за загревање, неговото присуство на теренот беше дочекано со оптимизам и се толкува како позитивен знак дека процесот на лекување оди во добра насока.

Никола Топиќ важеше за еден од најголемите таленти на својата генерација и пред повредата на коленото беше проектиран како сигурен избор во топ 5 на НБА драфтот. На крајот, Оклахома сити Тандер го избраа како 12-ти пик на драфтот во 2024 година, со јасна визија дека во иднина ќе биде еден од носителите на играта.

Никола Топиќ/ EPA/SARAH YENESEL

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот