Ѓоко Ристов, судење / Фото: Слободен печат

ВИДЕО | Две теории пред Судот за ѕидот полн со 350 илјади евра поврзан со судијата Ристов

Обвинителството и одбраната на судијата Ѓоко Ристов, кому му беа најдени 350 илјади евра заѕидани во ѕид, ќе докажуваат две различни теории пред Кривичниот суд, но ќе се судрат и со две различни вештачења за ДНК-трагите што беа најдени на алуминиумската фолија од купчињата пари скриени во ѕидот од кујната во семејната куќа на родителите на судијата во Неготино.

Двете страни ова го најавија на почетокот на судскиот процес што почна вчера, а судијата кој со години судеше во овој суд, а потоа во Апелација, наместо на судечкото, седна на обвинителското столче. Ќе му суди судијката Билјана Коцевска, за која иако во Кривичен заедно суделе, сепак ниту одбраната ниту Обвинителството не побарале изземање.

– Не се чувствувам виновен ниту за првото ниту за второто кривично дело со оглед на правната квалификација – рече Ристов откако неговата поранешна колешка му рече да пристапи на пултот и да се изјасни за вина.

Обвинителката Искра Хаџи Василева е децидна дека ќе докажат дека лажел за имот што го поседувал, со оглед на тоа дека му ги нашле парите во семејната куќа за кои тврдат дека се негови, кои се 450 просечни плати и не може да ги заработи со своите примања.

– Јас сум уверена дека овој суд ќе овозможи правично судење во разумен рок во кој Обвинителството и одбраната ќе ги презентираат своите докази, а од доказите што ние ќе ги презентираме, уверени сме во капацитетот и квалитетот дека надвор од разумно сомневање ќе ја докажеме вината на обвинетиот за дејствијата што му се ставаат на товар. Во суштина, Обвинителството го товари Ристов за непријавување на имотот, и тоа оние 350 илјади евра што се пронајдени и за кои со сигурност можеме да покажаме со проста математичка документациска финансиска основа и докази дека не може да бидат имот што легално го поседувал и тоа кривично дело во суштина ги подразбира тие елементи како и за кривичното дело перење пари кое подразбира криење, држење на пари за кои сторителот свесно знае дека се незаконити и дека потекнуваат од казнено дело – рече Обвинителката.

Судијата Ристов лично ги заѕидал 350-те илјади евра во ѕид – Ѓаволот дал гаранција од пола милион евра

Судијата Ристов правнички и нашироко во судницата образложуваше зошто не може да се гони за овие кривични дела, особено за перење пари.

Адвокатот на Ристов, Звонко Давидовиќ, пак, е дециден дека Обвинителството нема случај и најави дека ќе ја побиваат ДНК-анализата на Обвинителството, ќе прикажат графолошко вештачење што Обвинителството не го направило, но и финансиско вештачење дека парите се легални и се на родителите на судијата.

– Јас кажав дека нашата теорија на случајот е дека Обвинителството нема случај, дека кај него ѕидовите зборуваат, доказите молчат и дека секогаш сензацијата е пред пресумпцијата кај Обвинителството. Обвинувањето за прикривање имот и незаконито стекнување е поврзано со коруптивни дејствија, но Обвинителството нема одговор која е таа коруптивна зделка, нема примен поткуп, за кој предмет е, кое е тоа лице. Обвинителството ќе се обиде со еден театрален пристап како холивудски филм да докажува нешто за кое треба да има доказ – рече Давидовиќ.

Тие го спорат вештачењето од Одделот за форензика на МВР што го направило за ДНК-анализата, односно отпечатоците од судијата што биле најдени на фолиите со кои биле завиткани парите, па веќе изработиле вештачење од Судска медицина, кое според адвокатот ќе го оспорел и начинот на кој биле чувани парите и кога се вештачеле, односно дека не била испочитувана процедурата.

Судијата Ристов чувал предмети во фиока за да застарат, утврди Судскиот совет

Најави и графолошко вештачење, односно чиј бил ракописот од бројчињата што биле напишани на купчињата пари.

Ристов неколку месеци е во куќен притвор откако беа најдени заѕиданите пари, а потоа Ристов беше суспендиран од судиската функција.

Обвинителството брифираше дека со вештачење биле најдени негови отпечатоци, негова ДНК на алуминиумската фолија со којашто беа завиткани парите и тоа 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра.

На нив беа обележани рачно испишани износи на парите, скриени во шуплините на тулите. Ристов падна откако прво беше уапсен поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој во Обвинителство ги пријави контроверзниот обвинет и осуден бизнисмен Љупчо Пецов Ѓаволот. Тој пријави дека Стафа му барал пари за да издејствува домашен притвор кај Ристов додека е во бегство.

Токму од Ѓаволот, кој беше обвинет за финансиски малверзации, па се спогоди со Обвинителството и две години беше во бегство, почна да се расплетува правосудната коруптивна шема меѓу адвокатот Стафа, кој се спогоди со Обвинителството и доби една година и три месеци затвор и судијата Ристов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот