Судијата Ристов лично ги заѕидал 350-те илјади евра во ѕид – Ѓаволот дал гаранција од пола милион евра
Апелацискиот судија Ѓоко Ристов ги заѕидал парите, 350 илјади евра, во домот на неговите родители во Неготино, а со вештачење билe најдени негови отпечатоци, негова ДНК на алуминиумската фолија со којашто беа завиткани парите и тоа 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра.
Препорачано
На нив беа обележани рачно испишани износи на парите, скриени во шуплините на циглите.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција минатата недела поднесе обвинение против судијата Ристов, но не го товари за земање поткуп, бидејќи не е докажано дали и за кои конкретно предмети зел мито, иако стигале такви информации до Обвинителството дека овој судија барал мито. Но обвинителката Искра Хаџи – Василева е убедена дека ќе ги докаже кривичните дела за кои го гони Ристов „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари“.
– Она што го имавме како основано сомнение во текот на истрагата се подигна на ниво кое ни налага да покренеме обвинение и Обвинителството е убедено дека обвинението ќе го докаже пред судот. Обвинетиот понуди своја одбрана, но Обвинителството низ доказите кои ги собираше практично до последниот момент ќе успее да ги демантира сите оние аргументи кои одбраната ги понуди. Обезбедивме непобитни докази дека Ристов ги крие парите кои се противправно стекнат имот. Тоа го утврдивме со вештачење на биолошки траги – изјави Хаџи – Василева.
Таа се осврна на јавните реакции од професори дека тешко ќе се докаже ова дело „перење пари“ и дека не може некој што не го знае предметот да коментира. Во кујната имало и ливче на кое биле запишани броеви на предмети, но засега најдените пари не се поврзуваат со кој било предмет што го судел судијата.
-Перењето пари е прикривањето на извор, сопственик и локација и движење, ние имаме пари пронајдени скриени за кои имаме и тоа како основано сомневање дека се незаконити средства противправно стекнати, а имаме непобитен доказ дека криењето го врши Ѓоко Ристов – рече обвинителката.
И додека поранешниот народен правобранител Фехми Стафа призна вина, дека му барал на контроверзниот бизнисмен Љупчо Пецов – Ѓаволот 100 илјади евра, му зел 50 илјади евра со ветување дека ќе му издејствува поблага мерка, Ѓоко Ристов е во куќен притвор, Ѓаволот е на слобода.
Од Обвинителството за „Слободен печат“ во првичниот одговор рекоа дека Ѓаволот понудил гаранција која е десеткратно повисока од штета од делото која веќе ја надоместил.
Во денешниот одговор од Обвинителството велат дека за да излезе на слобода дал гаранција во куќа со земјиште и деловен простор во Неготино во вредност од 501. 187 евра. Ако гаранцијата е десет пати повисока, значи Ѓаволот вратил 50 илјади евра од штетата заедно со другите обвинети кои се спогодија во „Синџир“.
Токму од Ѓаволот кој беше обвинет за финансиски малверзации, па се спогоди со Обвинителството и две години беше во бегство, почна да се расплетува правосудната коруптивна шема меѓу адвокатот Стафа кој се спогоди со Обвинителството и доби една година и три месеци затвор и судијата Ристов.
Како доказ дека парите биле за Ристов, Обвинителството има аудиоснимка која им ја предал Ѓаволот, а ја снимала неговата сестра во стан. Тие снимки се предадени во рамки на истрагата како посебен јавен интерес. Обвинителството тврди дека нема да се откаже од гонење на Пецов и дека обвинението за кривично дело Злосторничко здружување, Даночно затајување и Помагање при даночно затајување е сè уште на оценка во судот.


