Стафа во затвор, Ристов во куќен притвор, Ѓаволот на слобода — дал дебела гаранција
Додека поранешниот државен правобранител Фехми Стафа кој му беше адвокат на контроверзниот бизнисмен Љупчо Пецов – Ѓаволот веќе е во затворот во Шутка на издржување на затворската казна, разрешениот судија Ѓоко Ристов во куќен притвор, бизнисменот од Неготино кој прв беше осомничен и избега и против кого има обвинение, е веќе на слобода.
Препорачано
Информацијата за „Слободен печат“ ја потврдија од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Обвинението против него се оценува, но во меѓувреме укинат му бил куќниот притвор, откако понудил гаранција која е десетпати повисока од штетата од делото која веќе ја надоместил, велат од Обвинителството.
-Лицето е обвинето за кривично дело Злосторничко здружување, Даночно затајување и Помагање при даночно затајување. Што се однесува до куќниот притвор ве известуваме дека осомничениот врз основа на гаранција која е во десеткратен износ повисока од штетата што истиот претходно ја надомести е пуштен да се брани од слобода – велат од Обвинителството за „Слободен печат“.
Колкава точно сума дал Ѓаволот нема информација, но дознаваме дека кога дел од обвинетите за даночно затајување во случајот „Синџир“ се спогодија и кога беше вратена штета од речиси милион евра, Ѓаволот вратил голема сума и тоа додека бил во бегство, па може само грубо да се пресметува дека станува збор за милиони евра.
Иако беше обвинет за финансиски малверзации во случајот „Синџир“ и избега уште додека се водеше истрагата и за него се бараше притвор, го пријави својот адвокат Фехми Стафа дека му барал поткуп и тој беше фатен на дело како зема 30 илјади евра од сестрата на Ѓаволот.
Стафа доцна вчера се спогоди со Обвинителството, судот ја прифати спогодбата и му одреди затворска казна од една година и три месеци. Стафа барал 100 илјади евра, а зел половина, со ветување дека ќе му издејствува судијата Ѓоко Ристов да му изрече поблага мерка на Ѓаволот, кој тогаш беше во бегство.
Откако падна Стафа, беше објавена пресудата, од која се гледа дека Апелациониот суд сепак не му го укинал притворот. Парите не стигнаа до Ристов, Обвинителството почна истрага против него откако најде 350 илјади евра соѕидани во куната од домот на родителите на Ристов во Неготино.
ОЈО ГОКК денеска покрена обвинение против судијата откако, како што тврди, обезбедило цврсти докази дека тој давал лажни податоци за тоа колку е богат и не го пријавил својот имот и имотот на неговото семејство, кој бил многу поголем од она што Ристов можел да го заработи од судиската плата.
Тој на јвна седница во штипска Апелација бараше да му биде укинат куќниот притвор, но сепак штипска апелација ја одби жалбата на одбраната на судијата.
Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница


