Судијата Ѓоко Ристов доби обвинение за еврата што му ги најдоа во ѕид, тој бара да му го укинат куќниот притвор
Обвинителството поднесе обвинение против разрешениот судија Ѓоко Ристов откако, како што тврди, обезбедило цврсти докази дека тој давал лажни податоци за тоа колку е богат и не го пријавил својот имот и имотот на неговото семејство, кој бил многу поголем од она што Ристов можел да го заработи од судиската плата.
Препорачано
Иако поранешниот државен правобранител Фехми Стафа беше фатен на дело како зема поткуп за да му го даде на Ристов и да издејствува поблага мерка за својот клиент Љупчо Пецов-Ѓаволот, тие пари сепак не стигнаа до судијата, но Обвинителството и покрај ова почна истрага отако најде 350 илјади евра соѕидани во ѕид од соба во домот на родителите на Ристов. Парите беа пронајдени спакувани во 13 поединечни пакувања, и тоа вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра.
– Од поведувањето на постапката јавниот обвинител презеде повеќе дејствија со кои обезбеди цврсти докази во однос на сопственоста на паричните средства, со што се потврдија елементите кои го исполнуваат битието на кривичното дело – Противправно стекнување и прикривање имот од член 359-а. Имајќи го предвид доказниот материјал за располагање со имотот во периодот од 2020 година до денес, во корелација со начинот искористен за криење на пронајдените парични средства, се обезбедија докази кои укажуваат на обележја и на кривичното дело – Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик – соопшти Обвинителството.
Вчера пак Стафа се спогоди со Обвинителството, а оваа спогодба ја прифати Кривичниот суд и беше однесен во затворот во Шутка.
Според информациите на „Слободен печат“, Ристов пак бара поблаги мерки и денеска во штипскиот Апелационен суд е одржана јавна расправа на која е образложено зошто се бара на Ристов да му биде укинат куќниот притвор. Дел од причините е тоа што истрагата завршила, не може да влијае на сведоци, но одлуката ќе биде донесена дополнително.


