ВИДЕО | „Дупер“ и Јанг Дади ја објавија „Претера“ — песна што има потенцијал да го одбележи летото
Музичкото дуо „Дупер“ и раперот Јанг Дади важат за едни од најсаканите артисти меѓу младите слушатели, па сосема очекувано беше да добиеме и нивна музичка соработка.
Препорачано
Вчеравечер тие, премиерно на Јутјуб, ја објавија песната „Претера“, која бргу почна да се споделува на социјалните мрежи, а слушателите коментираат дека „Дупер“ и Јанг Дади погодиле звук што лесно останува во глава.
„Претера“ носи модерна продукција и заразен рефрен. Песната звучи како спој на препознатливиот сензибилитет на „Дупер“ и енергијата што Јанг Дади ја носи во својот израз.
Од „Дупер“ велат дека идејата за соработка постоела одамна, но дека токму „Претера“ била песната што веднаш им „кликнала“.
„Со Дади се знаеме и дружиме уште од деновите на ‘Не сум твој тип’. Одамна сме збореле да правиме песна и досега имавме неколку обиди за соработки, ама едноставно ниедна ништо не кликнуваше одма. ‘Претера’ беше првата песна што ни легна на сите уште од старт“, велат од „Дупер“ за „Слободен печат“.

Тие додаваат дека работата со Јанг Дади им била природна и лесна бидејќи веќе имаат сличен пристап кон музиката.
„Работата со него е секогаш лесна, бидејќи веќе имаме изградено меѓусебно разбирање и сличен пристап кон правење музика“, додаваат тие.
Публиката веднаш реагираше со споделувања и коментари, а многумина веруваат дека песната има потенцијал да стане една од позабележителните домашни песни ова лето.
Освен мелодијата и енергијата, впечаток остава и самиот видеоспот, во кој тие се појавуваат во улога на боксери и покажуваат одлични актерски способности. Од „Дупер“ откриваат дека идејата за спотот се родила сосема спонтано, додека работеле во студио.
„Идејата за спотот излезе во студио додека се работеше на самата песна. Нејасно како, ама сите имавме иста замисла дека треба да е бокс-меч помеѓу Илчо и Дади, што на крај излезе како носечка тема на спотот“, велат тие.

Зад музиката и текстот стојат Борис Какуринов, Илчо Нечовски, Давид Даниловски (Јанг Дади) и Андреј Николов, додека аранжманот е дело на Борис Какуринов и Андреј Николов.
Со новата песна, „Дупер“ очигледно влегуваат во активно лето. Објавувањето на „Претера“ доаѓа во период кога дуото активно се подготвува и за двата големи летни концерти.
„Дупер“ ова лето ќе настапат на две локации што веќе најавуваат силна концертна сезона — во Хераклеа во Битола на 18 јули и во Античкиот театар во Охрид на 5 август.“
Со Ана на ТИ | Јанг Дади: Никогаш не сум бил вака заљубен како сега


