ВИДЕО: Данската бајка продолжува, преку Чешка во полуфиналето на Евро 2020
Фудбалската репрезентација на Данска продолжува да го живее својот сон на Евро 2020, ја совлада Чешка со 2:1 и си обезбеди пласман во полуфиналето. Ова е трето полуфинале за Данска во историјата, а прво откако го остварија најголемиот успех и ја освоија титулата во 1992 година.
Томас Дилејни и Каспер Долберг погодија за Данска, додека голот за Чешка, негов петти на шампионатот го даде Патрик Шик. Јунак на Данска е и голманот Каспер Шмајхел кој имаше неколку одлични интервенции на стартот од второто полувреме и не дозволи продолженија.
Данците поведоа уште во петтата минута, Стригер одлично го изведе корнерот, а Дилејни беше највисок во скокот и ја смести топката во мрежата.
Потоа Данците се одлучија иницијативата да им ја препуштат на Чесите и својата шанса да ја чекаат преку контранапатите. Таквиот пристап им се исплатеше во 42 минута кога Меле доби топка и побегна по десната страна по што упати одлична топка до Долберг кој немаше проблеми да го зголеми резултатот на 2:0. Во второто полувреме, Чесите фрлија се на нападот, а Патрик Шик со постигнатиот гол во 49 минута се израмни со Кристијано Роналдо на листата на најдобри стрелци на Евро 2020.
До крајот на средбата, немаше промени на резултатот иако Чесите имаа неколку одлични шанси не успеаја да го совладаат Шмајхел.
Противник на Данска во полуфиналето ќе биде подобриот од дуелот помеѓу Англија и Украина.