ВИДЕО: Црвена звезда ќе игра за седмата титула во АБА лигата
Кошаркарите на Црвена звезда вечерва се пласираа во финалето на АБА лигата, кои во вториот натпревар од полуфиналната серија во српската пресметка ја совладаа Мега со 94:69 (19:26, 28:11, 29:16, 18:16).
Белградските „црвено-бели до победата беа предводени од Рокас Гидраитис со 20, Фреди Гилеспи со 16, Јаго Дос Сантос со 13 и Лука Митровиќ со 10 поени.
Кај Мега подобри од другите беа Илија Милијашевиќ и Богољуб Марковиќ со по 13 и Никола Ѓуришиќ со 12 поени.
Мега подобро влезе во натпреварот и имаше седум поени предност по првиот дел, но Звезда одигра поцврсто во продолжението и по три минути игра успеа да направи пресврт и да поведе со 30:28. Звезда продолжи со подобра игра и до крајот на полувремето стигна до двоцифрена предност 47:37.
„Црвено-белите“ продолжија со многу подобра игра, а на средината на третата четвртина стигнаа до 20 поени предност, а во последната четвртина влегоа со „плус 23“ и веќе во тие моменти го решија прашањето на победникот.
Црвена звезда во финалето ќе игра против подобриот од бранителот на титулата Партизан и Будуќност од Подгорица. До сега Црвена звезда шест пати го освои регионалното натпреварување, последната титула ја освои во 2022 година.