ВИДЕО | Чесниот појас на Пресвета Богородица пристигна во Белград

Авионот со Чесниот појас на Пресвета Богородица денеска попладне слета на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, каде што го пречекаа патријархот на Српската православна црква, Порфириј, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и архијереи на СПЦ, објави Н1.

„Една од најголемите светињи на православниот свет пристигна во Република Србија, на радост и духовна благодат на верниот народ. Чесниот појас пристигна во придружба на високопреподобниот игумен на манастирот Ватопед, архимандрит Ефрем, министерот во Владата на Република Србија, Ненад Поповиќ, и братството на манастирот Ватопед“, соопштија од кабинетот на министерот Поповиќ.

Од манастирот Ватопед, на Света Гора, денеска свечено беше испратен Појасот на Пресвета Богородица, „една од најголемите светињи на православието“, за во попладневните часови да пристигне во Белград.

Светињата беше свечено пречекана на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, со највисоки црковни и државни почести, а според најавите, во Вознесенската црква требаше да пристигне околу 17 часот, соопшти Информативната служба на Српската православна црква.

Појасот утре ќе биде носен на литијата, централната манифестација по повод славата на Белград – Вознесение Господово, Спасовден.

Спасовденската литија утре околу 19 часот ќе тргне од Вознесенската црква до храмот „Свети Сава“, каде што појасот ќе го положи поглаварот на СПЦ, патријархот Порфириј. Во храмот „Свети Сава“ ќе биде служен акатист на Пресвета Богородица, која е заштитничка на Белград, и на нејзиниот Појас, по што патријархот ќе им се обрати на собраните верници.

Претходно, во 9 часот, патријархот Порфириј ќе служи литургија во Вознесенската црква.

Реликвијата се носи во Белград шест века откако кнезот Лазар ја подарил на манастирот Ватопед. Од СПЦ посочуваат дека „светото предание учи дека Богородица го исткала Појасот од камилска влакна“, благодарение на кој „се случиле бројни чуда, а особено им помага на бездетни семејства да добијат потомство“.

Предвидено е на граѓаните да им бидат поделени 300.000 „платнени ленти осветени над Појасот во манастирот Ватопед“.

Верниците ќе можат во храмот „Свети Сава“ да пристапат и да се поклонат пред Појасот на Пресвета Богородица, кој во Белград ќе остане до 29 мај.

Зошто е разрешен српскиот митрополит Јустин?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот