ВИДЕО | Бесими: Не ми е јасно како ме поврзуваат со модуларната болница

Обвинетиот поранешен директор на Клиничката болница Тетово Флорим Бесими кого Основниот суд Тетово го прогласи за виновен оти предизвикал опасност за животот на пациентите и нивните роднини кои биле во болницата во критичниот момент, рече дека не ја разбира денешната пресуда. Не сум потписник ниту пак имам некаква поврзаност со објектот. Најави жалба до повисоките судски инстанци.
„Не ја разбирам пресудата. Не ми е јасно како ме поврзуваат со модуларната болница, од самите докази се гледа дека не сум изведувач, не сум бил надзор, ниту сум ја примил, што постои во документите. Не сум потписник. Само знам дека сум обвинет за ПП-апарати – дали имало или немало, тоа во текот на судскиот процес го кажаа сведоците. Мене ми останува да се спротивставам на пресудата и да го барам правото во повисоките судски институции“, рече Бесими.
Доктор Бобан Вучевски кој доби ослободителна пресуда од обвинението од Јавното обвинителство дека дозволил влез на роднини во болничките соби,се заблагодари за поддршката во текот на целиот судски процес.
„Голема благодарност за сите роднини и пријатели кои во целиот целиот процес беа со мене и не дозволија да останам сам. Благодарност до адвокатскиот тим кој ме поддржуваше и ми даде сила да можеме да го спроведеме овој процес како што треба. Благодарност за правдата што излезе, јас како доктор сум бил со вас, а сега уште повеќе ќе бидам со вас – посочи Вучевски по пресудата.
И попладнево тетовци се собраа пред Основниот суд за поддршка на доктро Вучевски. Ја поздравија ослободителната пресуда.
„Како човек ја препознав неправдата која му се направи на докторот, но и на останатите, сакам да изразам благодарност дека цело време го поддржував докторот но и другите обвинети. Сакам на тетовци да им изразам благодарност кои со мене го поддржуваа доктор Бобан. Благодарност до судијата кој препозна дека не постои дело, а на Јавниот обвинетел да му порачам да не предизвикува никаква жалбена иницијатива оти евидентно е дека не постои дело“, изјави Марин Најдов жител на Тетово.