ВИДЕО | Антифашистички марш низ Хрватска: Маскирани мажи во црно фрлаа боја кон учесниците на протестот
Иницијативата „Обединети против фашизмот“ организира протестни маршеви во Загреб, Риека, Пула и Задар.
Препорачано
Илјадници луѓе се придружија на протестните маршеви во Хрватска против подемот на крајната десница по низата инциденти, што поттикнаа етнички и политички тензии во членката на Европската Унија.
Според информациите, Загреб собрал најмногу луѓе, околу пет илјади според неофицијални проценки, Во Риека и Пула околу илјада, а во Задар неколку стотици луѓе, пренесе Индекс.хр.
Во протестната колона во Загреб е и пратеничката Рада Бориќ, која носи транспарент со пораката „Жените против фашизмот“. Таа вели дека е задоволна од излезноста.
„Има доволно од нас кои покажуваат дека сме здодеани од толкувањето дека фашизмот не постои. Фашизмот сè уште постои денес, тој е многу присутен“ рече таа.
Таа додаде дека препорачува секој што мисли поинаку да го прочита есејот „Ур-фашизам“ од Умберто Еко.
За време на антифашистичкиот марш во Задар, беше забележан инцидент во кој двајца маскирани мажи, со фантомки, фрлаа топки полни со боја кон учесниците на протестот, јавува ХРТ.
Група маскирани млади мажи облечени во црно се собраа на влезот на задарскиот полуостров. Тие носеа транспарент и таму беа пречекани од полицијата за немири. Имаше кратко туркање, но ситуацијата брзо се смири и не ескалираше во посериозен конфликт.
Млади мажи во црно во Риека
Неколку маскирани млади мажи во црно се собраа на почетокот на антифашистичкиот марш во Риека, кој започна од Јадранскиот плоштад.
Читател кажува дека фрлале петарди кон луѓето додека полицијата стоела пред нив, гледајќи и не правејќи ништо. Видео ги прикажува младите мажи во црно како им покажуваат среден прст на толпата.


