ВИДЕО | Англиска плажа покриена со помфрит и кромид по хаварија на товарен брод
Плажа во Англија осамна целосно покриена со помфрит и кромид откако товарен брод го истури својот контејнер претходно овој месец.
Препорачано
Операција за чистење започна во вторник по должината на крајбрежјето на Источен Сасекс во југоисточна Англија откако контејнери на два товарни брода паднаа во море за време на бури кон крајот на минатата година и почетокот на овој месец, според локалниот окружен совет.
Џоел Боничи, жител на одморалиштето Истборн, за Cи-ен-ен вчера изјави дека верува оти кромидот почнал да се појавува на брегот минатата среда, а некои жители отишле да помогнат во собирањето на пластичните кеси во кои бил спакуван кромидот.
Боничи рече дека тој и неговата партнерка, Триша, пешачеле за да ги видат фоките во Фолинг Сендс во саботата. „Како што сите правеа за да помогнат, ги собиравме последните кеси со кромид додека одевме.“
„Не очекувавме да свртиме на аголот и да видиме нова сцена од помфрит и кесички помфрит што се протегаат низ плажата кон светилникот“, рече тој.
„Од далечина, би помислиле дека плажата е покриена со жолт песок како што би виделе на тропски остров“, продолжи Боничи.
„Веднаш двајцата решивме дека пешачењето е завршено и дека ќе ги поминеме следните неколку часа расчистувајќи што е можно повеќе кеси додека не стане премногу темно за да продолжиме. Другите семејства го правеа истото и беше убаво да се видат луѓе како се здружуваат за животната средина“, додаде тој.
Еколошката група „Истборн без пластика“ во неделата упати повик за повеќе волонтери, во објава на Фејсбук во која го опишува „хаосот од контејнерот за превоз кој истури илјадници вреќи со помфрит и кромид низ целиот овој ранлив дел од земјата“.
„Фоките и другиот морски свет честопати ја мешаат пластиката со храна, особено пластичните кеси кои можат да изгледаат како медузи во водата“, соопшти групата, додавајќи: „Загадувањето со пластика е сериозна закана за океанот“.
„Тажно е што толку многу загадување со пластика е само на неколку метри од колонијата на фоки“ од 20 до 30 фоки, рече Боничи.
Компанијата за спасување „Бренд Марин“ изјави за Си-Ен-Ен дека обезбедува операции за спасување во име на сопственикот на контејнерскиот брод во Ломбочкиот теснец, кој изгуби 17 контејнери – ладилници со храна за време на бурата на 8 јануари.
„Компанијата тесно соработува со локалните власти и Крајбрежната стража на Велика Британија во процесот на лоцирање и спасување на контејнерите“, додаде таа.


