ВИ може да ви одбере ручек, да ви ги реши проблемите и да ви помогне во работата – но во Македонија ретко се користи
Додека ваквата појава е за пофалба – зошто човекот би плаќал на приватни компании за употреба на модели тренирани на податоци кои самиот ги генерирал за беспари, алтернативата е граѓаните да се запознаат подобро со отворените и бесплатни јазични модели – вели Крајевски
Вештачката интелигенција (ВИ) денес може да ви предложи што да зготвите за ручек, да ви помогне да напишете мејл, да реши математички проблем, па дури и да ви даде совет за некој проблем. Иако овие алатки стануваат сè подостапни и поприсутни во светот, во Македонија тие сè уште не се широко користени.
Препорачано
Годинава, само 22 проценти од граѓаните на возраст од 16 до 74 години користеле алатки за генеративна вештачка интелигенција, покажуваат податоците за употребата на Информациски и комуникациски технологии (ИКТ) во домаќинствата и од страна на поединци, објавени од Евростат. Најголем дел од корисниците ги применувале ВИ алатките за лични цели (15,76 проценти), додека 8,55 проценти ги користеле за работа. За формално образование, вештачка интелигенција користеле 9,4 проценти од граѓаните.
Во споредба со земјите членки на Европската Унија, употребата на вештачка интелигенција во земјава е под европскиот просек. На ниво на ЕУ, 32,7 проценти од луѓето на возраст од 16 до 74 години годинава користеле ВИ алатки. Најчесто тие биле користени за лични цели (25,1 проценти), за работа (15,1 проценти), како и за формално образование (9,4 проценти).
Јован Крајевски, програмер и магистер за статистика на аналитика на податоци, за „Слободен печат“ вели дека ниската употреба на ВИ во земјава, во голема мера е последица на ниското ниво на дигитализација на општеството.
– Тука не станува збор за непознавање или незапознаеност со ВИ како изолирана појава. Дури 43% од испитаниците велат дека немаат потреба од употреба на ВИ, што е најверојатно точно. Дополнителна причина се и пониските примања на граѓаните, што придонесува до една култура во која се очекува дека софтверските услуги за лична употреба, и следствено на тоа и ВИ, не треба да се плаќаат, па најчесто граѓаните не стапуваат во контакт со подобрите јазични модели. Додека ваквата појава е за пофалба – зошто човекот би плаќал на приватни компании за употреба на модели тренирани на податоци кои самиот ги генерирал за беспари, алтернативата е граѓаните да се запознаат подобро со отворените и бесплатни јазични модели (DeepSeek, Qwen итн.) – вели Крајевски.
Јазот со ЕУ, според него е очекуван, но не и конзистентен, па како таков, вели дека ненужно може да се препише на заслугите на ЕУ или недостатоците на Македонија.
– Земете ја Бугарија за пример – со 22.5% употреба на ВИ наспроти 20% употреба на ВИ во Македонија. Станува очигледно дека членувањето во ЕУ е само корелирано, но не е директен причинител на дигитализацијата на општеството и употребата на ВИ – додава тој.
На прашањето дали граѓаните се доволно информирани за ризиците поврзани со приватноста и безбедноста при користење ВИ, со оглед на тоа што само 2 проценти изразуваат загриженост, Крајевски вели дека во просечен случај, граѓаните не се запознаени со безбедносните предизвици на дигиталната ера, па следствено ни со безбедноста и приватноста при употреба на ВИ.
– Колкумина гледаат на лозинката како на препрека во секојдневните активности? Колкумина користат исти лозинки на различни платформи? Замислете да имате еден клуч за сите брави. Колкумина не користат повеќестепена автентикација, а од мобилниот уред имаат пристап до својата банкарска сметка? Кога загриженоста за овие работи е ниска, очекувано е и загриженоста за заштита на податоци (што е понапреден концепт) при користење на ВИ да е ниска – појаснува тој.
За тоа дали Македонија може веднаш да преземе нешто за да не заостанува уште повеќе зад ЕУ во примената на вештачка интелигенција, Крајевски смета дека нема никаква потреба Македонија да скокне од 22% на 25% за 3 месеци, за потоа повторно да стагнира. Според него, потребен е план и стратегија на долг рок, кој ќе започне од корен да го дигитализира општеството.

Инаку, во Европа лидер во користење на ВИ алатки е Норвешка (56,32%), а најмалку – 17,19% ја користеле граѓаните во Турција.
Од земјите во регионот најмногу алатки за генеративна Вештачка интелигенција рекле дека користат граѓаните на Грција (44,09%) и Словенија (37,56%). Потоа следи Хрватска (27,52%), Бугарија (22,5%) и Македонија (22,03%). Најмалку ВИ алатки користат граѓаните на Србија (18,64%) и Босна и Херцеговина (20,26%).
На ниво на ЕУ, употребата на алатки за генеративна ВИ најраспространета е во Данска (48,4%), Естонија (46,6%) и Малта (46,5%). Спротивно на тоа, најмал удел на луѓе кои користат алатки за генеративна ВИ е забележан во Романија (17,8%) и Италија (19,9%).


