Верстапен оствари нешто што на Хамилтон никогаш не му успеало
Холанѓанецот на ГН на Британија ја оствари шестата победа на трка во низа во Формула 1, што на Хамилтон кој е рекордер по бројот на титули, никогаш не му пошло одрака. Британецот двапати има серии од „само“ по пет победи во низа
Макс Верстапен ја оствари својата шеста победа во низа во Формула 1 со својот триумф на Големата награда на Британија. Со тоа тој им се придружи на други големи возачи како Себастијан Фетел, Алберто Аскари, Михаел Шумахер и Нико Розберг, кои имаат постигнато најмалку шест победи во низа.
Препорачано
Интересно, на оваа листа отсуствува рекордерот по бројот на титули во Формула 1, Луис Хамилтон. Седумкратниот светски шампион во својата кариера има постигнато максимални пет победи на трки во низа, а тоа се случило двапати.
Сегашната серија победи на Верстапен започна во Мајами, по што следуваа Монако, Шпанија, Канада, Австрија и Велика Британија.
Рекордот за најмногу победи во низа го држи Себастијан Фетел, кој во 2013 година триумфираше во последните девет трки од сезоната (Белгија, Италија, Сингапур, Кореја, Јапонија, Индија, Абу Даби, САД и Бразил).
На второ место се Аскари, Розберг и Шумахер, со по седум победи во низа. Аскари ги постигна своите седум победи кон крајот на 1951 и почетокот на 1952 година. Шумахер тоа го направи во 2004 година, а Розберг ги забележа седумте победи во низа на крајот од 2015 и почетокот на 2016 година.
За да избие на првото место во ова рангирање Верстапен ќе треба да победи на следните четири трки во Унгарија, Белгија, Холандија и Италија. Сите тие лани ги освои Холанѓанецот.


