Верата и науката за смртта: Имаме ли душа?
За многу верници смртта не е крај. Што се случува потоа? Кога настапува смртта? И дали имаме душа? Оваа тема, која сè уште е табу, науката може барем да ја претстави на објективен начин – останатото е прашање на верата.
На Велигден христијаните го слават воскресението на Исус Христос и победата на животот над смртта. И ортодоксните Евреи и муслиманите веруваат во воскресение. За хиндусите и будистите во прв план е ослободувањето од циклусот на повторното раѓање.
Препорачано
Тагата поради загубата на некој близок – поради болест, старост, насилство или несреќа – кај верниците често се меша со надежта дека смртта не е крај. Тие наоѓаат утеха во идеите за задгробен живот, кои постојат не само во денешните светски религии.
И кај раните собирачи и ловци, меѓу Египќаните, викинзите и во многу други култури, преживеаните често се збогувале со покојникот со погребни ритуали и гробни дарови, отворајќи им го патот кон задгробниот живот.
Како се дефинира смртта?
Биолошки гледано, човечкото тело може да функционира најмногу околу 120 години. Она што е сепак клучно е просечниот животен век, кој со текот на времето значително се зголеми благодарение на подобрите услови за живот, хигиената и медицината.
За повеќето луѓе важи: не се плашиме од самата смрт, туку од незнаењето што се случува за време на умирањето и потоа.
Медицински гледано, постојат различни видови на смрт: при таканаречената „клиничка смрт“ откажува кардиоваскуларниот систем, престануваат пулсот и дишењето, органите веќе не добиваат кислород и хранливи материи. Во случај на клиничка смрт, возможна е реанимација со помош на вештачко дишење и масажа на срцето – и тоа често е успешно.
Во случајот на таканаречената „мозочна смрт“ тоа веќе не е случај, бидејќи тогаш големиот мозок, малиот мозок и мозочното стебло престанале да функционираат. Иако можеби во длабоките слоеви на мозокот сè уште има активни клетки, „свеста“ веќе е изгубена. Луѓето со мозочна смрт може да се одржуваат во живот долго време со помош на машина. Некои пациенти кои се мозочно мртви дури реагираат на надворешни надразнувања, на пример за време на операција. Сепак, од медицинска гледна точка, ова се само рефлекси на ’рбетниот мозок, а не чувство на болка.
Што се случува со мртвото тело?
Нашите органи некое време можат да функционираат без кислород и хранливи материи. До целосно престанување на клеточната делба доаѓа постепено, а потоа клетките умираат. Кога премногу клетки ќе изумрат, органите веќе не можат да се регенерираат.
Мозокот реагира најбрзо – неговите клетки почнуваат да изумираат по само три до пет минути. Срцето може да издржи и до половина час. Штом крвта ќе престане да циркулира, таа тече надолу и се создаваат таканаречени „смртни дамки“, што на форензичарите може да им укаже на причината и местото на смртта.
По два часа, мртвото тело станува вкочането, бидејќи веќе не се создава аденозин трифосфат. Без овој пренесувач на енергија во клетките, мускулите се вкочануваат. По неколку дена таа вкочанетост повторно попушта.
Дигестивниот систем умира дури по два до три дена, а бактериите во него го забрзуваат распаѓањето на телото. Сепак, патогените во телото можат да останат опасни долго време – патогените на хепатитис, на пример, преживуваат неколку дена, додека бактериите на туберкулозата можат да опстојуваат со години. Севкупно, процесот на распаѓање на човечкото тело трае околу 30 години.
Што нè учат искуствата блиску до смртта?
Од научна гледна точка, искуствата блиску до смртта се случуваат во времето помеѓу клиничката смрт и реанимацијата. Со оваа тема се занимаваат интензивно не само науката, туку и религијата и езотеријата, иако описите на овие искуства може многу да варираат во зависност од културната и регионалната средина.
Многумина кои преживеале клиничка смрт немаат сеќавања од таа фаза. Други, пак, известуваат за наплив на спомени, одвојување од телото, пејзажи или силна светлина (на крај од тунел). Некои опишуваат чувство на голема среќа, додека други доживеале страв или паника.
Искуствата блиску до смрт се чини дека почесто се случуваат кога реанимацијата траела особено долго и кога протокот на кислород во мозокот бил нарушен подолг временски период. Ова намалено снабдување со кислород на мозокот најмногу влијае на темпоралниот и париеталниот лобус на мозокот, како и на Gyrus Angularis – мозочниот регион кој се наоѓа меѓу нив. Сепак, останува нејасно дали токму таму настануваат искуства блиску до смрт.
Имаме ли душа?
Иако смртта е составен дел од животот, не сакаме да ја прифатиме како неизбежен крај. Под „душа“ најчесто се подразбира нематеријалната, одвоена од телото, бесмртна суштина на една личност. Во многу религии, душата е она што го прави човекот тоа што е.
Верувањето во бесмртна душа е длабоко вкоренето во нашиот дуалистички начин на размислување, кој го дели светот на две спротивставени категории: добро и зло, правилно и погрешно, тело и душа. Филозофите како Платон, Сократ и Декарт сметале дека телото и душата се посебни ентитети.
Научните наоди покажуваат дека сите ментални процеси се поврзани со функцијата на мозокот. Со оглед на тоа, целиот наш „душевен живот“ може да се објасни со неврони, хемиски преносители на информации и мозочни мрежи.
Но, дали нашето битие – нашата душа – навистина се состои само од мерливи мозочни активности, биохемиски процеси и социо-културни влијанија? Или нашиот „духовен живот“ е обликуван од исклучително сложената меѓузависност на телото, духот и околината?
Постоењето на душата или таквата меѓузависност не може да се докаже научно. А таму каде што завршува доменот на емпириската наука – започнува верата
Извор: DW/ Автор: Александер Фројнд


