Велигден: Црвените јајца се симбол на празникот, ја претставуваат пролеаната крв на Исус Христос

Фото: Профимедиа

Велигден е празник над празниците. Една од симболиките на најголемиот христијански празник е вапсувањето јајца. Боење јајца се смета за важна подготовка за одбележување на овој празник, па домаќинките му придаваат големо значење. Црвената боја е задолжителна бидејќи ја претставува пролеаната Исусова крв, додека другите бои укажуваат на радост поради победата и создавањето нов живот. Потеклото на обичаите на боењето на јајца не може точно да се одреди, па постојат неколку верзии на таа традиција.

Во последните неколку години, домовите на верниците се китат со бројни украси, а во нив доминираат зајчињата, пилињата, кокошките и се разбира јајцата во најразлична големина и боја.

Во минатото, украсувањето на домот не било вообичаена појава. До пред неколку децении, црвените јајца, свеќите и здравецот биле трите работи кои се ставале на велигденската трпеза и кои ја симболизирале желбата за здравје и среќа во домот, вербата во Бога и силата на религијата.

Традиционално, кај нас се вапсувале исклучиво црвени јајца. Како причина за тоа се неколкуте легенди и верувања, кои најчесто усмено се пренесуваат од генерација на генерација.

Имено, според некои верувања, црвените јајца се симбол на празникот бидејќи тие ја претставуваат крвта на Спасителот Исус Христос, а значењето на јајцето се поврзува со раѓањето на новиот живот. Според други верувања, пак, обичајот да се вапсуваат исклучиво црвени јајца се поврзува со Марија Магдалена, која според Библијата, однела јајца обоени во црвена боја пред тогашниот римски цар Тибериј кога се дознало дека Христос воскреснал.

Сепак, со текот на годините, многу работи се промениле, па и бојата што се користи за боење на јајцата. Така, современите домаќинки, покрај традицијата сакаат да бидат дел и од новите трендови, па токму поради тоа многу често се одлучуваат и за боење јајца во сите бои и нијанси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот