Вардар со Малус и Хориха во составот вечерва сака чудо против Монпелје
Лидерот во домашната Суперлига, екипата на Вардар вечерва ќе се соочи со исклучително тежок предизвик во обидот да обезбеди место на завршниот турнир во ЕХФ Европска лига.
Препорачано
„Црвено-црните“ имаат задача да надоместат негатива од десет голови против Монпелје, по убедливиот пораз на првиот четвртфинален натпревар во Франција. Сепак, ситуацијата сега е нешто пооптимистичка за домашниот тим, бидејќи тренерот Иван Чупиќ повторно ќе може да смета на важните алки во составот Дмитро Горига и Јака Малус кои се во составот, меѓутоа колку ќе можат да бидат на теренот е неизвесно.
„Имавме добри и лоши моменти, првото полувреме бевме подисциплинирани и првпат сезонава игравме на резултатот. Вториот дел лошо го отворивме и целиот меч се сврти. Сега се подготвуваме и сакам сите да веруваат бидејќи во оваа сала е тешко да се игра и секој кој доаѓа има почит кон нас. Мораме да се прикажеме во подобро светло и веруваме дека можеме да ги стигнеме десет разлика. Може ќе ми кажете дека сум будала, но никој не може да ни забрани да веруваме“, изјави Чупиќ на вчерашната прес-конференција.
Од другата страна, францускиот состав ќе настапи во непроменет ростер, што дополнително ја зголемува тежината на задачата за Вардар.
Реваншот ќе се одигра вечерва во салата „Јане Сандански“, со почеток од 20:45 часот, каде домашната публика ќе се надева на вистинско ракометно чудо.



