Вардар и Еурофарм Пелистер во битка за Суперкупот

Вардар ги брани титулите во Суперлигата и во Купот /Фото: РКВардар1961/Denis Dukovski

Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер денеска во салата „Борис Трајковски“ во Скопје (19 часот) треба да ја отворат новата ракометна сезона со натпревар во Суперкупот. Обата тима имаат амбиција да ја започнат сезоната со освојување на првиот трофеј.

Во обата тима има значителни промени во составите и овој меч ќе им биде добар тест за тоа како ќе функционираат понатаму во сезоната. Ова ќе биде и прв официјален натпревар на двете екипи сезонава. Во подготвителниот период обата тима одиграа по еден тест-меч против Металург и победија, а битолчани одиграа уште еден контролен натпревар, против својот втор тим.

Суперкупот е најновиот трофеј во домашниот ракомет. Во трите досегашни изданија го освојуваше Вардар. Кај Еурофарм Пелистер посакуваат овој пат тоа да не биде така. Новиот член на битолчани, голманот Марко Кизиќ, кој во овој состав дојде од Вардар, се надева дека стартот ќе им биде со победа.

– Секако дека одиме на победа, би било убаво првиот официјален меч да го започнеме со триумф. Противникот е тежок, тоа е сигурно. Ова е почеток на сезоната и тешко е да се предвиди во која насока ќе одат работите. Но во секој случај за нас ќе биде одлична можност да видиме како ќе функционираме и на што треба да посветиме внимание во иднина. Што се однесува до мене, јас сум сега член на Еурофарм Пелистер и ќе дадам сѐ од себе да ги исполнам инструкциите на тренерот. Немам некаков емоционален однос што се однесува до противникот и до овој меч. Јас сум професионалец – изјави Кизиќ.

Слично размислува и неговиот некогашен соиграч во Вардар, Гоце Георгиевски, кој е меѓу црвено-црните. Според него, тимот на Вардар 1961 вредно работи под водство на новиот тренер Веселин Вујовиќ, но ќе биде потребно уште малку време да се сложат коцките како што сите посакуваат и овој состав да го даде својот полн потенцијал.

– Секако дека сакаме да ја сочуваме титулата во Суперкупот, добро е да се почне сезоната со победа. Во оваа фаза тешко е да се каже како ќе функционира тимот во кој имаме многу нови играчи. Ќе треба време работите да легнат. Но радува фактот што тимот и тренерот функционираат добро, соработуваме, нема никакви проблеми и со тек на времето ќе бидеме се подобри и подобри – вели Георгиевски.

Вардар е актуелен носител на титулите во Суперлигата и во Купот на Македонија, а Еурофарм Пелистер во овие натпреварувања заврши како второпласиран. По Суперкупот обата противника од утре ќе учествуваат во турнирот Струга 2021, заедно со уште РК Струга, РК Тиквеш, РК Бутел и РК Металург.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот