Вардар денеска на домашен терен ја започнува европската сезона
Во „Јане Сандански“ вечерва со почеток во 18:45 часот, ракометарите на Вардар ја започнуваат својата новa европска авантура, отворајќи ја сезоната во ЕХФ Европската лига со дуел против хрватскиот состав Сесвете. Македонскиот шампион со амбиции и фокус чекори во натпреварувањето, решен да стигне далеку и да направи значаен исчекор во однос на минатата сезона.
Препорачано
Предводени од стратегот Иван Чупиќ, „црвено-црните“ влегуваат во натпреварот со јасна цел, триумф на стартот и поставување темели за посакуваниот пласман во главната фаза. По минатогодишниот неуспех да се мине групната фаза, Вардар сега гледа нанапред, со желба да се врати меѓу елитата.
Формата на екипата дава надеж, перфектни седум победи во седум кола во домашниот шампионат, вклучувајќи ги и пресметките со директните ривали Пелистер и Охрид. Иако претсезоната беше исполнета со предизвици, тимот влезе во натпреварувачки ритам и се чини подготвен за европската сцена.
Позитивниот старт би можел да има сериозно значење, особено со оглед на тежината на секој освоен бод во групната фаза. По вечерашниот меч со Сесвете, Вардар го очекува и тешко гостување кај Тулуз следната недела, што го прави овој натпревар уште поважен за самодовербата и европските амбиции.
Преземено од: Спорт.ком.мк


