Вајоминг ги забрани абортусите, нема исклучоци за случаите на силување и инцест
Републиканскиот гувернер на Вајоминг потпиша закон со кој се забрануваат абортусите во оваа американска држава, пренесува Еј-би-си њуз.
Препорачано
„Денес го потпишав Законот за отчукувањата на човечкото срце, потврдувајќи го моето верување дека животот е свет“, напиша Марк Гордон на својот профил на Икс. „Целосно ја споделувам решеност да го бранам животот на неродените деца и ја поддржувам намерата на овој закон“, рече тој.
Според законот, доколку се детектира отчукување на срцето на фетусот, абортусите се дозволени само во случаи на итна медицинска состојба, што значи кога животот на мајката е во опасност или кога продолжувањето на бременоста ќе ѝ предизвика сериозна или неповратна штета.
Според АП, детекцијата на отчукување на срцето се детектира на околу шест недели од бременоста.
Законот не вклучува исклучоци за случаи на силување или инцест.
Секој што намерно или ненамерно ќе го прекрши законот ќе се соочи со затворска казна до пет години и/или парична казна до 10.000 долари.
„Оваа забрана е навреда на уставната слобода на жителите на Вајоминг да донесуваат сопствени здравствени одлуки и го загрозува здравјето и благосостојбата на нашите заедници“, изјави Џули Буркхарт, претседателка на единствената клиника за абортус во државата, Велспринг Хелт Аксес.
Вајоминг е петтата американска држава што ги забранува абортусите по откривање на фетален срцев ритам, придружувајќи им се на Флорида, Џорџија, Ајова и Јужна Каролина. Тринаесет други држави ги забрануваат абортусите во различни фази од бременоста, со некои исклучоци.
Досега, абортусите во Вајоминг беа дозволени сè до моментот кога фетусот може да преживее надвор од матката, околу 24 до 26 недели од бременоста.


