Узурпиран јавен простор: Лимените тараби од градилиштата ги одземаат тротоарите од граѓаните

Фото: „На точак“/ Фејсбук

Реакциите до општините најчесто завршуваат со одговор дека тоа е привремена ситуација за да не бидат повредени минувачите при изведба на градежните работи, но нагласуваат дека изведувачот мора по завршувањето на градбата просторот повторно да го врати во претходната состојба.

Веќе подолг период во близина на автобуската станица што се наоѓа покрај булеварот Партизански одреди, на потегот од Соборен храм кон пазарот Буњаковец, се гради зграда, а со заштитните тараби е одземен голем дел од тротоарот, па и пешаците и велосипедистите се движат по велосипедската патека, на која патем има поставено и контејнери.

За потребите на градилиштето, за исцрпување вода, преку патеката е поставено црево кое завршува во шахтата, која поради тоа стои полуотворена. А за да не се препнуваат минувачите, врз цревото е ставена железна конструкција, демек за полесно да минуваат велосипедистите. И сето тоа изгледа крајно небезбедно, особено штом се стемни, оти нема никакво известување за поставениот „изум“ на изведувачот на објектот.

На ризикот на кој се изложени и пешаците и велосипедистите кои минуваат по патеката предупредија од групата „На точак“.

Бараме итно бележење на овие пречки, а дополнително сега и во иднина да се обезбедува безбеден простор за движење на коловозот во ситуации во кои се узурпира пешачкиот и велосипедскиот простор за време на градба. Ако Градот ги става на прво место пешаците, велосипедистите и останатите ранливи групи (кои дополнително нè загадуваат и чие движење треба да се стимулира) тогаш ќе се грижи тие безбедно да се движат, додека истовремено ги дестимулира загадувачките превозни средства. Во случајов гледаме како има три предимензионирани коловозни ленти и една тесна лента за немоторизиран транспорт, на која има препрека – реагираат од „На точак“.

Узурпирањето на тротоарите и на јавниот простор е честа слика низ Скопје кога се градат згради. Секогаш страдаат пешаците, кои поради поставените лимени тараби морат понекогаш да се движат и на улица. Реакциите до општините најчесто завршуваат со одговор дека тоа е привремена ситуација за да не бидат повредени минувачите при изведба на градежните работи, но нагласуваат дека изведувачот мора по завршувањето на градбата просторот повторно да го врати во претходната состојба. Сепак, како што е познато изградбата на зградите не трае два месеци, туку година или две, па граѓаните за целиот тој период не можат да го користат оградениот јавен простор и безбедно да се движат.

Неодамна и од „Шанса за Центар“ посочија за уште еден долгогодишен проблем со узурпирање на јавен простор во строгиот центар на градот, покрај улица Македонија. На улицата Ѓуро Стругар, веднаш до хотелот „Бест Вестерн“ веќе 10 години се гради хотел од инвеститорот ДГ „Бетон“ АД. Со тарабите со кои е ограден објектот пристапот до станбените згради речиси една деценија е ограничен на тесен пешачки коридор.

Фото: Фејбук/ Шанса за Центар

До влезовите на зградите не можат да пристапат возила, вклучително и на итните служби доколку е тоа потребно. Сметаме дека граѓаните, не по своја вина, предолго живеат во градежна зона од која неправедно им е ускратен соодветен пристап до домовите. Побаравме да се донесе одлука со која Општината ќе му наложи на инвеститорот да ги повлече тарабите кон објектот и со тоа да го овозможи пристапот. Одговорот што го добивме од мнозинството на Горан Герасимовски е дека тоа не е работа на Советот и дека правиме театар. Предлогот е одбиен – информираа од „Шанса за Центар“.

Узурпација на просторот имаше и на улица Рузвелтова, каде што поради објект што се градеше, целосно беше затворен тротоарот во должина од триесетина мести, па на оваа многу прометна улица, минувачите беа принудени долг период да се движат по улица наместо на тротоар, сѐ додека конечно не се изгради зградата.

Ваквите слики можат да се забележат секаде низ Скопје, а граѓаните едноставно немаат кому да се обратат и да се пожалат. Единствено им останува да бидат многу внимателни кога се движат, додека објектот каде поминуваат не се изгради и работите, како што смируваат од општините, повторно не се вратат во поранешната состојба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот