Утре започнува скијачката сезона на Попова Шапка, има снежна покривка од над 40 сантиметри

Фото: Фејсбук/Попова Шапка

На скијачкиот центар Попова Шапка наврна доволно количество снег за успешен и безбеден почеток на скијачката сезона, која официјално се отвора утре.

Снегот денеска сѐ уште паѓаше, но во моментов, како што посочија од центарот, има над 40 сантиметри снежна покривка на ски-патеките и, ако дозволат временските услови, утре сите ќе бидат во функција.

„Со последните врнежи од снег што ги имавме изминативе денови, утре и официјално ја започнуваме скијачката сезона. Ќе продолжиме со истото темпо како и минатата сезона. Се е подготвено за скијачите. Сите ски лифтови утре ќе работаат , планирано е така, но сепак се зависи од временските услови, а највеќе од брзината на ветерот, ако има голем ветер тогаш ќе има некои рестрикции, а сето тоа се прави поради безбедноста на скијачите“, изјави Адем Авзиу, директор на скијачкиот центар Попова Шапка.

Од центарот посочија дека годинава цената на ски-билетите ќе биде малку поскапа.

„Објавивме нов ценовник, но реално сме сепак поефтини во споредба со другите ски-центри во околината, па и во нашата држава. Дневен билет од понеделник до четврток ќе биде 1100 денари, а од петок до недела цената на дневниот билет ќе изнесува 1300 денари. Исто така и за другите категории билети има цени различни, односно билетите ќе бидат поскапи кои ќе се продаваат за време на викендите. Досега имаме над 40 сантиметри снег, а врнежите продолжуват.Имајќи предвид дека сме крај на јануари, првиот ден од скијачката сезона оваа година нема да биде бесплатен, додаде Авзиу.

На Попова Шапка во функција се три жичници, новиот шестосед и двоседите на ски-патеките „Церипашина“ и „Свети Илија“. Ќе работат и уште четири ски-лифтови, на патеките „Поток 1“, „Поток 2“, „Аеродром“ и „Ге“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот