Утре почнува да се гради новиот автопат Тетово-Гостивар, ќе чини над 5 милиони евра по километар
Владата најави дека утре свечено ќе бидат започнати работите на новиот автопат од Тетово до Гостивар, а за делницата од 17,5 километри ќе се потрошат 90 милиони евра од државниот буџет, што е над 5,1 милиони евра по километар.
Препорачано
„Проектот за изградба на автопатот Тетово-Гостивар опфаќа и 9 натпатници од кои: 8 натпатници за поврзување на локалните патишта со новопроектиранит паралелен пат, еден натпатник за новата клучка во Општина Боговиње и Општина Врапчиште. За реконструкција на клучката за излез од Тетово ќе се користи постоечкиот натпатник. Изградбата на автопатот Тетово-Гостивар ќе чини 90 милиони евра“, пишува во соопштението.
Изградбата на новата автопатска делница е дел од контроверзниот проект за автопатишта на коридорите 8 и 10, за кој вкупно ќе треба да ѝ платиме на американско-турската компанија „Бехтел и Енка“ околу 1,4 милијарди евра. За да му го додели најголемиот проект во историјата на Македонија на конзорциумот од САД и Турција, претходната влада на СДСМ и ДУИ изгласа посебен закон, заобиколувајќи го Законот за јавни набавки. Сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кое тогаш ја предводеше опозицијата, жестоко го критикуваше овој потег и го нарекуваше криминален.
На утрешниот настан ќе присуствува и премиерот Христијан Мицкоски, додаваат од „Илинденска“.


