Заклетва на судии во Судскиот совет / фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Уставен не пресече за платите на судиите, но под сомнеж се февруарските измени на кои реагираше правосудството

Уставниот суд не пресече за платите на судиите и јавните обвинители, односно ја запре постапката што беше поведена во декември, кога беше оспорено намалувањето на коефициентите за нивните плати што се случи првпат во 2023 година, кога беа зголемени платите на функционерите. Уставните судии со мнозинство гласови одлучија да ја запрат постапката, бидејќи конкретно тие измени од 2024 година не се веќе во правен поредок, но по сопствена иницијатива судиите поведоа постапка за измените од минатиот месец.

Тоа значи дека последните измени што ги изгласа Собранието на крајот на февруари се под сомнеж и за нив ќе се одлучува дали ќе се укинат или поништат и дека остануваат во сила и измените со кои, пак, се намалуваат коефициентите на платите на судиите.

За платите на обвинителите, исто така, се запре постапката поведена поради претходните измени, а за поведувањето на постапка за најновите измени, со кои се намалија коефициентите немало мнозинство. Тоа значи дека овој предмет ќе остане незавршен и повторно ќе треба да се гласа за нив.

Прва што се изјасни да не се носи одлука за поништување на измените беше судијката Добрила Кацарска. Нејзините аргументи беа дека Уставниот суд не треба да интервенира и дека платите на судиите ги одредува законодавниот дом, но и дека не може да се оди веднаш на поништувачка одлука, со оглед на тоа што судиите не ни расправале и не повеле постапка за новите измени од 2026 година.

Иако уставниот судија Фатмир Скендер не сакаше да го каже јавно својот предлог, неговиот предлог бил првото намалување на коефициентите да се прогласат неуставни, што можеше да се заклучи од реакциите на судиите, иако тие измени веќе не се во правен промет. Членовите на Уставниот суд, Ана Павловска-Данева и Татјана Васиќ-Бозаџиева сметаа дека не може да се поништат одредби што не се веќе во правен промет.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски беше дециден дека не гледа никаква пречка да се поништат измените, а како аргумент го кажа тоа што, иако тие како Уставен суд во декември повеле постапка за уставноста законот за платите на судиите, сепак законодавецот и Владата како предлагач, наместо да се произнесат решиле одлуката да ја третираат како „помножена со нула“.

Здружение на судии претходно побара итно одмрзнување на платите на судиите, зголемување на примањата на судската администрација и распишување огласи за нови вработувања во судовите, со цел, како што наведуваат, обезбедување ефикасно и независно функционирање на судскиот систем.

Пратениците на крајот од февруари, ги изгласаа измените на Законот за платите на судиите, но и за обвинителите. На ова веднаш реагираше Здружението на судии и обвинители, а судиите поднесоа и дополнување на иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на измените на Законот за плати на судиите, при што се опфатени и последните измени донесени на 25 февруари 2026 година. Со иницијативата се бара поништување, односно укинување на измените со кои, според Здружението, платите на судиите остануваат замрзнати веќе трета година по ред.

Судиите посочуваат дека пратениците треба да престанат со носење законски решенија што, како што велат, имаат за цел купување социјален и политички мир, наместо да се насочат кон обезбедување независно и непристрасно судство како гарант на владеењето на правото и предуслов за европски напредок на земјата.

Во соопштението се наведува дека, по зголемувањето на функционерските плати од 78 отсто, платите на судиите во прв степен достигнале просечно околу 86.000 денари, а без тоа зголемување би изнесувале околу 50.000 денари. Дополнителен проблем, според Здружението, претставуваат ниските примања и одливот на кадар од судската администрација, како и неисплаќањето на додатоците, што, како што наведуваат, директно се одразува врз квалитетот на услугите кон граѓаните како странки во постапките.

Здружението предупредува дека доколку продолжи, како што го нарекуваат, „уривањето“ на судскиот систем и доколку измените останат во сила, судиите ќе разгледаат други форми на изразување незадоволство и видлив протест, при што ја поддржуваат и судската администрација во преземање законски чекори за изразување незадоволство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот