Криза пред уставен/ фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Се отвора пат за зголемување на платите за судиите и обвинителите – Уставниот суд поведе постапка

Претседателот на Уставен Дарко Костадиновски појасни дека одлуката за платите на судиите не значи нивно зголемување, туку спречување на понатамошно намалување. – Оваа наша одлука не значи зголемување на платите на судиите, туку значи спречување на натамошно намалување на платите. Значи, не станува збор за зголемување, туку за заштита на уставно поставената власт и уставните прерогативи за независност и самостојност – рече тој.

Флагрантен упад во судската власт и мешање на извршната и на законодавната власт во нејзината независност – ова е толкувањето на мнозинството уставни судии за намалувањето на коефициентите за плати на судиите и јавните обвинители што се случи во 2023 година, кога беа зголемени платите на функционерите.

Уставниот суд, во атмосфера кога власта ги спори платите во правосудството, застана на страната на судиите и на обвинителите и поведе постапка за двете иницијативи што ги поднесоа судии и Здружението на јавни обвинители.

На седницата на Уставниот суд на дневен ред беа иницијативите со кои по вторпат беа оспорени одредбите на законите, со кои се регулираат платите на судиите, на обвинителите и на членови на Советот на јавни обвинители. Иако во јануари Уставниот суд одлучи да не поведе постапка и да не им бидат вратени старите коефициенти за пресметка на платите, сега мнозинството судии беа на мислење дека околностите оттогаш се сменети, дека Македонија сега економски е постабилна и платите на судиите треба да бидат заштитени. По ова, Судот може да донесе одлука со која се отвора патот за зголемување на платите на судиите и на обвинителите.

Претседателот на Уставен Дарко Костадиновски појасни дека одлуката за платите на судиите не значи нивно зголемување, туку спречување на понатамошно намалување.

– Оваа наша одлука не значи зголемување на платите на судиите, туку значи спречување на натамошно намалување на платите. Значи, не станува збор за зголемување, туку за заштита на уставно поставената власт и уставните прерогативи за независност и самостојност – рече тој.

Известителот на иницијатива за платите на судиите Фатмир Скендер, кој имал издвоено мислење и претходниот пат кога не беше поведена постапка, рече дека намалувањето на платите на судиите двапати во една година е атака врз независноста на судството.

– Парламентот во два наврати се има произнесено за намалување на коефициентите на судиите. Прашањето е дали ваквото намалување на коефициентите е дозволено да се изврши во законодавниот дом. Собранието со закон ги уредува и ги утврдува платите и другите надоместоци, како кај именуваните лица така и на другите лица. Не се наведени причините, ниту во мислењето на Владата ниту во Предлог-законот, а секој закон има образложение на кои факти и акти законодавецот да се определи за да ги намали коефициентите за плати. Со ваквата уреденост, според мене, законодавецот упаднал во финансиската независност на судската власт и се повредува уставното начело на независноста на власта – рече судијата Осман Кадриу.

Судијката Ана Павлова-Данева имаше забелешка што на седницата не присуствуваа подносителите на иницијативата и кажа дека ситуацијата сега е поинаква, нема економска криза, па намалувањето е неоправдано. Единствено судијката Добрила Кацарска кажа дека ќе гласа против за да се поведе постапка, со кратко образложение дека и минатиот пат била против и дека уставна надлежност на Собранието е да носи закони.

Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, се повика на меѓународното право и на практиката на Судот во Стразбур.

– Немав никаква дилема дека е флагрантен упад во судската власт – рече Костадиновски, кој додаде дека секоја членка на ЕУ ги има заштитено платите на судиите на кои им се гарантира дека нема да бидат намалени.

Слични беа ставовите и за обвинителите, а се спомена и преиспитување на платите на уставните судии по сопствена иницијатива.

Платите на функционерите минимално ќе се зголемат, законските измени нема да ги намалат, а ќе им останат и 78-те отсто

Судиите Ерол Абдулаи и Александра Палашевска, кои поднеле иницијатива до Уставен, тврдат дека намалените коефициенти за платите на судиите биле неуставни, и покрај претходната одлука на Судот, бидејќи оттогаш се појавиле нови околности. Двајцата судии се повикуваат на граѓански тужби и одлуки од граѓански судови да се исплати разлика во плата за јануари 2024 година до повисокиот износ според старите коефициенти, наместо помалиот коефициент по кој била пресметана платата на некои судии.

Втората претставка е од Здружението на обвинители, преку претседателот Елвин Вели, кој тврди дека повреден е принципот на независност на јавното обвинителство и на Советот на јавните обвинители и дека намалување на коефициентите оди во правец да се изгуби предвидливоста во остварувањето на месечните приходи.

Судиите Ерол Абдулаи и Александра Палашевска поднеле иницијатива до Уставен во која тврдат дека намалените коефициенти за платите на судиите биле неуставни и покрај претходната одлука на Судот, бидејќи од тогаш до сега се појавиле нови околности. Двајцата судии се повикуваат на граѓански тужби и одлуки од граѓански судови да се исплати разлика во плата за месец јануари 2024 година до повисокиот износ според старите коефициенти, наместо помалиот по кој била пресметана платата на некои судии.

-Покрај одлуката на Уставниот суд донесена во јануари 2024 година, да не поведе постапка, во меѓувреме се променети неколку околности, а за тоа посочуваат граѓански постапки за надомест на разлика на плата за месец јануари 2024 година, во кои е одлучено на тужителката да се исплати разлика за помала исплатена плата во нето износ од 15 115 денари, како и да изврши доплата на придонесите на тој износ. Притоа се наведува дека одлуката на Основниот суд Тетово ја потврдува и Апелациониот суд Гостивар, а во други судови и други судии имаат поднесено тужби со барања за помалку исплатена плата за јануари 2024 година. Според подносителот, со оспорените измени, утврдениот коефициент се намалува во 2024 година иако е стекнато право кое судиите го поседувале 17 години. Подносителот бара од Уставниот суд да направи соодветна процена, дали намалувањето на коефициентот кое се оспорува со предметната иницијатива следува како резултат на реални и објективни околности во државата или претставува само популистичка мерка – стои во наводите на иницијативата на судиите Абдулаи и Палашевска.

Втората претставка е од Здружението на обвинители, преку претседателот Елвин Вели.

-Со оспорените закони се интервенира во член 6 каде што се намалува коефициентот за утврдување на плата, според кој од 2.43-3.21 се намалува на 2.15-2.84 за јавните обвинители, додека за членовите на Советот на јавните обвинители од 3.21-3.47 се намалува на 2.84-3.07. Подносителот тврди дека повреден е принципот на независност на јавното обвинителство и Советот на јавните обвинители, дополнително менувањето на платата преку намалување на коефициентите оди во правец да се изгуби предвидливоста во остварувањето на месечните приходи. Во иницијативата се наведува дека со измените во платите е нанесена директна штета на обвинителите и членовите на Советот врз нивниот личен имот, односно личните примања – велат од здружението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот