Успешен настап на Наташа Сарџоска на поетски настани во Пула и во Риека
Македонската поетеса Наташа Сарџоска во текот на март одржа две поетски читања во Хрватска.
Препорачано
На покана на Македонското културно друштво „Свети Кирил и Методиј“ на Истра, таа гостуваше во Пула, каде што во културниот центар „Ројц“ одржа читање на македонски и на хрватски јазик од својата книга „Географија на слободата“ во превод на Марија От Франолиќ, во издание на Хрватско книжевно друштво од Риека со поддршка на Министерството за култура и туризам на Северна Македонија.
За книгата говореше претседателката на Друштвото и поетеса Милена Златеска, а Сарџоска имаше прилика да размени разговори и впечатоци со бројни претставници на македонската, но и на словенечката и црногорската дијаспора.
Таа, исто така, настапи со свој поетски перформанс во Риека во рамки на настанот „Фем слем“, во организација на букинг-агенцијата „Дистјун промоушн“, заедно со поетесите Соња Јеремиќ од Белград и Зринка Миколиќ од Риека, како и со хрватската поетеса, перформер и новинарка Бојана Груберац.
Сарџоска своите стихови ги изведе и на македонски и на хрватски јазик, а за своето пишување и за својот настап даде и интервју за хрватскиот портал „Арт Кварт“.


