„Усје“: Обвинувањата против нас се невистинити, со правна постапка ќе ја докажеме вистината

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Цементарница „Усје“ целосно ги отфрла неоснованите обвинувања, чија цел е дефокусирање на јавноста. Оттаму повторуваат дека при вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3. и 4. јануари 2023 година, во присуство на инспектори од Град Скопје, потврдено е дека емисиите од производниот процес се пониски од дозволените гранични вредности. Нагласуваат дека производниот процес се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди, а производството автоматски запира доколку филтрите не работат.

Поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребуваше мазут што е дозволен енергенс согласно А-Интегрираната Еколошка Дозвола. При оваа вонредна контрола, кај парниот котел, кој не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, беше регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата. Оттука, неосновано е врз основа на еден параметар каде што беа утврдени повисоки вредности, да се носи заклучок дека компанијата е виновна за состојбите со загадувањето. Во тек е постапка со надлежната институција, во чии рамки ќе се разгледаат сите релевантни аспекти – се вели во соопштението од Цементарница „Усје“.

Оттаму додаваат дека компанијата веднаш ги имплементирала препораките на инспекторатот и направила замена на енергенсот со природен гас, а дека за разлика „Усје“, многу јавни објекти во градот продолжуваат да користат мазут за загревање, а јавноста не е информирана дали на овие објекти се вршат какви било мерења. Покрај тоа, како што велат, мерењата направени на 3. и 4. јануари 2023 во кругот на Цементарница, уште еднаш потврдуваат дека нема корелација помеѓу работата на Цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот.

Со оглед на фактот, дека во јавноста се изнесуваат обвинувања и констатации кои не се поткрепени со факти или со научни докази, а во насока на заштита на вистината, ние ќе покренеме соодветна правна постапка пред надлежните органи – велат од Цементарница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот