„Уште го негувам тоа чувство“: Теа Трајковска се отвори за односот со Панчо
За нејзиниот однос со Владимир Блажев – Панчо, емотивна приказна раскажа поп-пејачката Теа Трајковска.
Препорачано
Панчо почина на 14 октомври лани, како последица од трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, по седум месеци поминати во болница.
Трајковска гостуваше во поткастот „Естраден лексикон“, а водителот Марио Арангеловски ја праша дали меѓу неа и Панчо имало повеќе од пријателство.
„Многу работи се шпекулираа за вашиот однос. Дали имаше тука нешто некогаш повеќе од пријателство или само бевте соработници и пријатели?“, праша водителот, а на ова пејачката одговори:
„Па, нормално е да се шпекулира за јавни личности, според мене. Јас сум слушала многу работи за себе и не само ова конкретно. Знаеш како? Да ме прашаше ова, пример, лани и да си беше сѐ океј, можеби ќе одговорев на прашањево. Вака некако ми нема ни смисла. Панчо ми беше фамилија, еден од најблиските луѓе во животот и уште го негувам тоа чувство дека ми е еден од најблиските луѓе во животот, иако тој не е тука веќе со нас“, рече пејачката.

„Од средина на март до ноември мене ми е сѐ во магла. Многу тешко ја преживеав целата ситуација. Прво беше огромен шок за мене и многу време ми требаше да се вратам во ритам, дури да имам волја за работа. Имав неколку настапи лани кои беа договорени претходно, што многу тешко ги изработив. Еден од тие настапи беше летово, денот кога имав многу лоши информации за состојбата на Панчо. Јас требаше вечерта да излезам да пеам пред преполн клуб. Знаеш колку е тешко кога ти поминуваш низ некои твои лични ситуации кои мора да ги заборавиш кога ќе излезеш на сцена?“, сподели Трајковска, која беше добра пријателка со Панчо и со Андреј од ДНК и снимаше дуети со нив.
На денот кога почина Панчо, Теа напиша: „Моја најголема поддршка во сѐ, мој ментор и најдобар пријател, мојот омилен човек на земјата, а сега на небото. Привилегија и благослов е што те имав во овој живот и што си толку битен дел од него, што те знаев во срж и благодарна сум на секој збор и наш момент, на нашиот последен разговор, на сѐ што научив од тебе, на секој спомен што ми го остави. И да знаев дека волку ќе болиш еден ден, пак не би сменила ништо и би одбрала да си мој најблизок човек во патувањево. Овие седум месеци ти ми беше единствениот зрак надеж и светлинка, а вчера со тебе замина и дел од мене, Влатче. Нема да постои ден кога нема да ми недостигаш, ама таа твоја душа и тоа твое срце не беа за овој свет, а Бог ги сака покрај себе таквите како тебе. Знам само дека не заслужи ништо од ова, ама и дека си на подобро место каде што не страдаш и не се мачиш повеќе. До следното видување, злато мое. Ми вети дека ќе ме чекаш ако ме претркаш, а дотогаш знам дека ќе ме чуваш одгоре. Колку те сакам знаеш и ќе си знаеш засекогаш, каде и да си. Широко небо, Владе мој. Тесно беше тука за тебе“.


