ФОТО | „Моја сродна душо, ми вети дека ќе ме чекаш, злато мое“ : Теа Трајковска со трогателни зборови се прости од Панчо
Македонската пејачка Теа Трајковска со длабоко емотивен статус се прости од својот близок пријател и музички соработник Владимир Блажев – Панчо од групата „ДНК“, кој почина вчера како последица од тешките повреди здобиени во пожарот во Кочани на 16 март.
Препорачано
Во потресното обраќање објавено на социјалните мрежи, Теа ја отвори душата и ги сподели последните зборови упатени до својот најблизок пријател:
„Моето возење или умирање, мојата сродна душа, моето семејство, мојот другар, моја најголема поддршка во сè, мој ментор и најдобар пријател, мојот омилен човек на земјата, а сега на небото. Привилегија и благослов е што те имав во овој живот и што си толку битен дел од него, што те знаев во срж и благодарна сум на секој збор и наш момент, на нашиот последен разговор, на сè што научив од тебе, на секој спомен што ми го остави. И да знаев дека волку ќе болиш еден ден, пак не би сменила ништо и би одбрала да си мој најблизок човек во патувањево. Овие седум месеци ти ми беше единствениот зрак надеж и светлинка, а вчера со тебе замина и дел од мене, Влатче. Нема да постои ден кога нема да ми недостигаш, ама таа твоја душа и тоа твое срце не беа за овој свет, а Бог ги сака покрај себе таквите како тебе. Знам само дека не заслужи ништо од ова, ама и дека си на подобро место каде што не страдаш и не се мачиш повеќе. До следното видување, злато мое. Ми вети дека ќе ме чекаш ако ме претркаш, а до тогаш знам дека ќе ме чуваш од горе. Колку те сакам знаеш и ќе си знаеш засекогаш, каде и да си. Широко небо, Владе мој. Тесно беше тука за тебе.“
View this post on Instagram
Панчо и Теа не беа само музички соработници, тие беа вистински пријатели, луѓе кои се препознаа меѓу редовите, низ музиката и животот. Нивната заедничка песна „Амалјија“ останува како сведоштво за нивната креативна хемија, но и за блискоста што не се гледа, туку се чувствува.
Со својата искрена и потресна исповед, Теа не само што се прости од еден човек кој ѝ значел сè, туку и остави силна порака за љубовта, благодарноста и болката што остануваат кога ќе си замине некој кој бил важна личност во живото.
Панчо, преку својата музика, пријателства и неисцрпна поддршка за младите уметници, засекогаш ќе остане дел од срцата на оние што го познаваа и како уметник и како човек.
Небото можеби доби уште една ѕвезда, но земјата изгуби една од најсветлите.


