Фото:Општина Аеродром

Урбаната опрема се уништува, општините само се жалат наместо да контролираат

Корпи за ѓубре без дно, накривени, исчкртани и подгорени контејнери, клупи на кои им недостигаат дрвени делови, вандализирани или со години необновени детски игралишта, дефектни канделабри. Ова е речиси редовна слика во сите населби низ Скопје.

Граѓани се жалат и бараат да се заменат корпите за ситни отпадоци со нови, а особено реагираат за детските игралишта со искршени реквизити на кои оние за кои се наменети, најмалечките жители на Скопје, можат сериозно да се повредат.

Катастрофа е со корпите со ѓубре. Или ги нема или доколку ги има се без дно, откорнати, искривени. Точно е дека има несовесни граѓани кои од непознати причини сакаат да го уништуваат општото добро, но тие се малку. Но тоа не значи дека потоа таквите корпи треба да се остават така со години, ама така е, па најчесто ѓубрето в џеб го носиме додека не наидеме на некоја функционална корпа – вели скопјанка.

Од друга страна надлежните вината секогаш ја префрлаат кон граѓаните и вандалското однесување на дел од нив, иако нема ниту чуварски служби ниту се активни комуналните редари кои би се грижеле за урбаната опрема.

Неодамна Општина Аеродром информираше дека во паркот „Бановина“ е искршена урбаната опрема, дека е оштетена фонтаната и дека е обиена и чуварската куќа.

Уништрени канти за ѓубре/ Фото: Општина Аеродром

Паркот „Бановина“ неодамна беше целосно обновен, со нова, современа урбана опрема за уживање на сите генерации. Наместо грижа и почит, сведочиме на несовесно однесување и уништување. Ваквите постапки нема да бидат толерирани, а случајот е веќе пријавен во полиција – реагираа од Општината, апелирајќи до граѓаните да го чуваат општото добро и да покажат дека се дел од одговорна зедница.

Во Илинден пак биле украдени летниковците поставени покрај трим-патеката од Ајватовци до Бучинци, еден од нив бил пронајден среде нива, закачен за приколка.

„Општината сите инвестиции ги реализира со пари од граѓаните и мора да го чуваме заедничкото. За жал, дел од урбаната упрема која ја поставуваме, а се работи за летниковците поставени на трим патеката од Ајватовци до Бучинци, е украдена за што е пријавено во полиција“, вели градоначалникот Александар Георгиевски.

Летниковец во Илинден/ Фото: Принтскрин

Жителите на Карпош  се жалат на состојбата на детските игралишта и ја повикуваат Општината да интервенира.

-Дали планирате некогаш да ги средите детските игралишта во Карпош 3? На фонтана гелендри фалат од скаличките, тобоганот цел раштрафен, лулашките ковани со даскички од родители. Позади „Рептил“ на Пелистерска мизерија, ѓубре на сите страни, даскички фалат, небезбедно е за деца. Кај Адреналинскиот, срамота е да се каже дека е игралиште, откорната подлога, незбезбедни лизгалки – реагира жител во Фејбук групата „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“.

Искршено детско игралиште/ Фото: Фејсбук

Од Општината велат дека нивните служби за одржување на детските игралишта, ги имаат детектирано сите детски игралишта кои се за ремонт, реконструкција или друг вид на интервенција.

 Општина Карпош по завршување на институционалните процедури, од месец март ќе ги санира сите оштетувања на детските игралишта,меѓу кое и посоченото. Постојано детските игралишта се цел на напад и вандализација, за жал. Ние постојано упатуваме апел да се чува и ползува ова јавно добро. Ве молиме за разбирање и трпение – им одговараат од Општината на граѓаните.

Игралиштата во општина Центар и поставената урбана опрема беа повеќепати вандализирани. Снимки од уништување на детско игралиште објави и самиот градоначалник Горан Герасимовски. Потоа на терен беа ангажирани и полициски и општински контроли за да се спречи ваквото однесување, пред сѐ на млади луѓе.

Ќе се враќаат ли чуварите да ги штитат игралиштата од вандализирање?

Во 2024 година советниците донесоа и одлука за вршење видеонадзор на јавните површини на територијата на оваа општина, а потоа требаше да се донесат и правилници во кои точно ќе се прецизира кој ќе биде овластено лице, кој ќе биде контролор и кој ќе има пристап до системот, на кои локации ќе бидат поставени камерите и сите други поединости за да не се прекрши Законот за заштита на личните податоци.

Се обидувавме да го заштитиме јавното добро и нема резултати, игралиштата не ни траат повеќе од месец- два, постојано ги санираме се кршат обрачи, се кршат детски реквизити. Суштината е снимката да се користи во постапката инаку нема зошто да се поставуваат камерите – објасни тогаш градоначалникот Горан Герасимовски.

Минатата година општинскиот Совет прифати Иницијатива за воведување чуварска служба како нов сектор во рамките на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, чија главна цел би била заштитата на јавното добро во општината.

Дали и кога тоа ќе се спроведе и до каде е постапката, засега нема одговор од Општина Центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот