Ќе се враќаат ли чуварите да ги штитат игралиштата од вандализирање?
Поради зачестените кршења и оштетувања на урбаната опрема, детските и спортски игралишта, дрворедите и урбаното зеленило, советникот Ненад Матевски предлага формирање чуварска служба како нов сектор во рамките на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“. За потсетување, пред повеќе години на некои од игралиштата имаше чувари, но нејасно е кој и зошто оцени дека се непотребни.
Илјадници евра трошат општините на годишно ниво за да ги обноват оштетените детски игралишта, уништените зелени површини, поставената урбана опрема. На вандализирање на детските игралишта во изминативе години се жалат граѓаните од сите општини, општинските власти постојано апелираат да се чуваат реквизитите и урбаната опрема, но досега ништо од тоа не помогна. Градоначалник Горан Герасимовски дури и споделуваше видеа од дивеење на група млади на игралиштето кај „Зебра“, повикувајќи на поголемо присуство на полицијата на терен и поголема одговорност на родителите за однесувањето на нивните тинејџери.
Препорачано
Но, ниту апелите ниту постојаните обновувања на реквизитите не помагаат да се спречи оштетувањето на детските игралишта, во услови кога нема никаква контрола што се случува таму, нема чувари, а одамна нема ни маалски позорникари.
Советникот во Советот на Општина Центар, Ненад Матевски, токму поради зачестените кршења и оштетувања на урбаната опрема, детските и спортски игралишта, дрворедите и урбаното зеленило предложи Иницијатива до Советот за формирање чуварска служба како нов сектор во рамките на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, чија главна цел би била заштитата на јавното добро во општината.
Оваа предлог-иницијатива произлегува од континуираната потреба за подобрување на квалитетот на животот и безбедноста на жителите на Општина Центар. Имајќи го предвид постојниот недостиг на доволен број полициски службеници и општински инспектори, сметам дека формирањето една ваква мобилна служба, која ќе ги покрива сите 17 урбани заедници, ќе претставува значаен чекор напред во заштитата на јавното добро, вели Матевски во образложението на Иницијативата.

Во предлогот до Советот се објаснува дека чуварите би вршеле надзор и заштита на урбаната опрема, детските игралишта, клупите, кантите за отпадоци, спортските реквизити и останатата опрема, но и за зелените површини и растенијата. Службата би била постојано мобилна на терен, а доколку забележи некои незаконски дејства, веднаш би го информирала општинскиот инспектор и МВР.
Во Иницијативата е објаснет и начинот на работа на чуварската служба, која ќе вклучува и обуки на вработените од страна на стручни лица за овластувањата, начинот на постапување во различни ситуации, комуникациските вештини и основните правни аспекти потребни за нивната работа. Службата ќе работи во тесна координација со МВР и со општинските служби, со единствена цел, зголемување на чувството на сигурност на граѓаните на Општина Центар.
Матевски објаснува дека во нашата држава веќе постојат примери на чуварски служби во одредени јавни претпријатија што успешно придонесуваат кон заштита на јавното добро. На пример, како што вели во својот предлог до Советот, Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Македонски шуми“ има организирана служба за надзор и заштита на шумските подрачја, потоа националните паркови како Маврово и Пелистер имаат служби за надзор и заштита на природните богатства. Во некои општини самите јавните комунални претпријатија имаат служби за обезбедување и надзор на нивните објекти и инфраструктура.
Само со апели не се чуваат игралиштата и урбаната опрема од вандализирање
Доколку Советот ја прифати Иницијативата, тоа би значело голем исчекор кон постигнување некаков ред во заштита на урбаната опрема и реквизити за чие постојано обновување се трошат општински пари, односно пари на граѓаните што би можеле да бидат наменети за други корисни работи за жителите на општината.
За потсетување, пред повеќе години на некои од игралиштата имаше чувари, за што сведочат неколку преостанати куќарки, кои сега служат за одлагање на алатите за работа на комуналните служби. Кој и зошто потоа оцени дека се непотребни е прашање на кое локалните власти би требало да одговорат.
Чувари имаше и на некои од игралиштата во општина Карпош. Но, општинарите главно сметаат дека обезбедувањето чувари на секое детско игралиште, а во секоја општина ги има по неколку десетици, е преголем трошок за општинскиот буџет. Не знаеме каква е „математиката“, но дали е помал трошокот постојано да се купуваат нови реквизити, клупи, огради…


