УПОЗ: Мерката на Заев за кратење плати е дискриминирачка
Над 75 проценти од јавната администрација имаат плати пониски од државниот просек и во нормални услови едвај преживуваат, реагираат од синдикатот.
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани денеска преку соопштение информираше дека за нив е неприфатлив предлогот на СДСМ на вработените во јавната администрација во следните два месеца да им биде намалена платата и да земаат минимална плата.
Препорачано
– Предложената мерка за исплаќање на минимална плата за месеците април и мај за јавната администрација сметаме дека не е добро осмислена и таа остава само привид на некаква лажна солидарност. Доколку Владата го прифати овој предлог, значително ќе биде загрозена егзистенцијата на илјадници вработени во јавната администрација чии плати и онака се под просечната плата во државата, посочуваат од УПОЗ.
Според УПОЗ, има поприфатливи решенија со кои и јавната администрација ќе покаже солидарност во овие моменти кога државата се справува со коронавирусот.
Синдикатот на УПОЗ предлага да не се задира во ниту една плата која е под републичкиот просек. Од таму додаваат дека со исплата на минималната плата особено ќе бидат погодени самохраните родители, родителите на деца со посебни потреби, вработените кои живат под кирија и оние кои се единствени вработени во нивните семејства.


