Употребата на стероиди кај жените ветува „совршено тело“, но носи и сериозни долгорочни здравствени ризици
Анаболичките стероиди, синтетички деривати на машкиот хормон тестостерон, сè почесто се користат за зголемување на мускулната маса и подобрување на физичкиот изглед. И покрај бројните предупредувања од стручната јавност за нивните штетни ефекти, интересот за овие супстанции расте, особено меѓу жените, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
Она што на почетокот изгледа како брз пат до „совршено тело“, може да отвори врата за сериозни и трајни здравствени последици, вклучително и срцев и мозочен удар.
Сè повеќе жени посегнуваат по стероиди
Прецизни податоци за долгорочните трендови во користењето стероиди се ограничени, но истражувањата укажуваат на јасен пораст кај женската популација. Систематски преглед на меѓународни студии од 2024 година покажал дека околу 4 проценти од возрасните жени во современиот свет користеле анаболички стероиди барем еднаш, што е значително зголемување во однос на 1,6 проценти во 2014 година.
Меѓу бодибилдерките, речиси секоја шеста жена, односно околу 17 проценти, користи стероиди. Нивната употреба е сè почеста и кај жените што практикуваат тренинзи за сила, кои последните години бележат голема популарност. Во најголем број случаи, стероидите се набавуваат нелегално, преку познаници од теретана, без контрола на квалитетот и составот.
Анаболичките стероиди се создадени како синтетички супстанции со анаболичко дејство – поттикнување на растот на мускулната маса. Во медицината, тие имаат ограничена и строго контролирана примена, како супституциона терапија кај одложен пубертет или кај мажи со хипогонадизам.
Зошто жените почнуваат да користат стероиди?
Самјуел Корнел, докторанд по јавно здравје на Универзитетот во Нов Јужен Велс во Сиднеј, наведува три клучни причини за порастот на употребата на стероиди кај жените.
Првата е зголемената популарност на спортовите за сила, како што се пауерлифтингот, кревањето тегови и бодибилдингот. Овие дисциплини им овозможуваат на жените да се чувствуваат силно, самоуверено и физички способно, но истовремено ги вклучуваат во онлајн заедници каде средствата за подобрување на перформансите се честа тема.
Втората причина е влијанието на социјалните мрежи и инфлуенсерките, кои често прикажуваат радикални физички трансформации и отворено зборуваат за повремена употреба на стероиди како дел од патот до „идеално тело“. Советите за тренинг и исхрана сè почесто вклучуваат и препораки за суплементи и стероиди.
Третата причина е притисокот од околината. Квалитативни истражувања од Австралија и Скандинавија покажуваат дека многу жени започнуваат со користење стероиди под влијание на машки пријатели, партнери или тренери, кои ги претставуваат како неопходни за напредок или натпреварување.
Ризици што не смеат да се игнорираат
Употребата на стероиди кај жените може да доведе до трајни и неповратни промени, меѓу кои се:
- засилена влакнетост на лицето и телото
- продлабочување на гласот
- нарушувања на менструалниот циклус
- намалување на градите
- појава на акни и опаѓање на косата
- зголемување на клиторисот
- сериозни промени во расположението, анксиозност и раздразливост
Дополнителна опасност, на која укажуваат поновите податоци од Австралија, е тоа што многу нелегални препарати содржат токсични загадувачи како олово, арсен и кадмиум. Овие супстанции се поврзуваат со развој на одредени карциноми, оштетување на органите и кардиоваскуларни заболувања. Најсериозните долгорочни ризици, за кои ретко се зборува, се срцеви заболувања, мозочен удар, оштетување на црниот дроб и ментални нарушувања.
Недоволна информираност и стигма
Интервјуата со жени кои користат стероиди покажуваат дека тие често се помалку информирани за ризиците отколку мажите, делумно затоа што најголем дел од истражувањата биле насочени кон машката популација.
Постои и проблем со стигмата. Како што наведува Корнел, многу жени чувствуваат дека се построго осудувани од страна на здравствените работници, поради што избегнуваат лекарска помош. Тоа дополнително го зголемува ризикот од компликации.
Последиците можат да бидат фатални
Здравствените установи предупредуваат дека злоупотребата на стероиди, особено кај млади лица, може да доведе до акни, задржување на течности, жолтица, агресивно однесување и депресија. Кај адолесцентите се забележува и забавен раст, главоболки, мачнини, болки во коските и проблеми со уринарниот и дигестивниот систем.
Долготрајната и неконтролирана употреба може да предизвика сериозно оштетување на црниот дроб и бубрезите, а прекумерната доза или комбинирањето со други супстанции може да има и смртен исход. Кај жените, покрај веќе наведените последици, постои и ризик од стерилитет, оштетување на плодот и отекување на гениталиите.
Иако стероидите често се претставуваат како брзо решение за физичко совршенство, стручњаците предупредуваат дека цената што се плаќа може да биде многу повисока од очекуваното – и трајна.


