Фото: илустрација / rawpixel.com / CC 1.0

УНИЦЕФ: Ако имате тинејџер кој е „залепен“ на екранот по цел ден, не сте сами

Ако имате тинејџер кој е како „залепен“ за екранот по цел ден, не сте сами. Социјалните мрежи се голем дел од секојдневниот живот за многу тинејџери. Иако има доста придобивки од тоа да се биде онлајн и поврзан, многу родители се мачат да излезат накрај со некои од ризиците и загрижени се како тоа може да влијае врз благосостојбата на нивните деца, соопштуваат од УНИЦЕФ.

Зборувајќи за тинејџерите и нивното ментално здравје, УНИЦЕФ го пренесуваат ставот на психологот Пам Тудин-Бухалтер, која најмногу ја „секира“ тоа што нејзините деца веруваат оти се имуни на дигитална „расеаност“ – оти некако може и да учат, и да одговараат на пораки од другарите и да гледаат филм, и сѐ тоа додека треба да напишат добар состав за Наполеон.

„Бескрајните ѕвонења и зуења што одат заедно со тоа ме излудуваат, па знам дека ова влијае и врз нив. Исто така, загрижена сум поради тоа што мислат дека се имуни на опасностите и дека некако токму тие ќе го надмудрат предаторот што демне на чет-форумите или дека нема да наседнат на онлајн-измама. Како родител кој е и во улога на психолог, знам дека никој не е имун на долгата листа онлајн-предизвици што може да ги погодат нашите ‘скринејџери’ од нигде никаде“, посочува таа.

Покрај сета нејзина загриженост, вели Тудин-Бухалтер, има видено и големи придобивки од социјалните медиуми. Неодамна, нејзиниот син се приклучил на онлајн-група која ги учела англиски украинските бегалци – во спротивно, никогаш не ќе можел да го направи тоа без социјалните мрежи.

„Гледам деца кои социјално тешко се вклопуваат, но наоѓаат истомисленици онлајн коишто не би можеле да ги најдат во училишниот двор. Патуваат со километри за да се запознаат со нив и завршуваат создавајќи круг на пријатели! Исто така, ми се допаѓа како нашите тинејџери ги користат социјалните платформи за да се изразат за важните социо-политички прашања околу себе“, нагласува Тудин-Бухалтер, ко-основач на компанија за едукативни технологии за тинејџери во Јужна Африка, воедно и клинички психолог.

Таа раскажува дека, во домот, од првиот ден на децата им ставиле до знаење дека телефонот им припаѓа на родителите – а нив им е даден на заем.

„Се договоривме за основните работи – без телефони во спалната соба по 19 часот, дури и ако е за домашна задача. Повеќето лоши работи се случуваат ноќе, па јасно посочивме дека нема телефони во спалните соби по тоа време. На почетокот, на нашите деца им беа дозволени само по две апликации, така што никогаш немаше повеќе од, на пример, Снепчет и Инстаграм одеднаш – ако сакаа ТикТок, мораа да заменат една апликација. Сè уште мора да прашаат ако сакаат да преземат нова апликација и мора да објаснат зошто ја сакаат. ‘Сите мои другари ја имаат4 не проаѓа во нашиот дом и тие го знаат тоа. Податоците се заслужуваат“, нагласува психологот.

Пред некој ден, по повод Меѓународниот ден за безбеден интернет, УНИЦЕФ истакна дека младите корисници се изложени на различни закани, како насилство, вознемирување, сексуална злоупотреба, манипулативни маркетиншки практики, злоупотреба на лични податоци и несоодветни содржини, што може сериозно да влијае врз нивната безбедност и развој.

Според УНИЦЕФ, ризиците повеќе не се ограничени само на социјалните мрежи, туку се прошируваат и на дигиталните платформи што децата ги користат за учење, вклучително и системите базирани на вештачка интелигенција. Технолошкиот развој напредува побрзо отколку што можат да се приспособат законските рамки и механизмите за заштита, што создава дополнителни предизвици за безбедноста на децата.

Во насока на подобрување на безбедноста на интернет, УНИЦЕФ потсетува на иницијативи кои им помагаат на родителите и наставниците да разговараат со децата за нивните онлајн искуства и да ги поддржат во развивањето на критичко и безбедно користење на дигитални технологии.

Водно, УНИЦЕФ пред една недела ги повика земјите ширум светот да го казнат создавањето содржини за сексуална злоупотреба на деца генерирани со вештачка интелигенција, предупредувајќи дека бројот на вакви слики кои ги сексуализираат децата забрзано расте.

УНИЦЕФ предупредува: 1,2 милиони деца жртви на сексуално експлицитни дипфејкови

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот