Естетски филери / Фото: Unsplash

Ново истражување: Ултразвук откри васкуларни компликации предизвикани од козметички филери

Ултразвукот може да открие васкуларни компликации кои настануваат поради употреба на козметички филери, покажува ново истражување презентирано на годишниот состанок на Радиолошкото здружение на Северна Америка, пишува „Е-клиника“.

Козметичките филери се инјекциски супстанции кои се користат за подобрување на изгледот на лицето – со додавање волумен, измазнување на брчки и нагласување на контурите. Најчесто користен е филерот на база на хијалуронска киселина.

Иако се сè популарни, овие естетски третмани не се без ризик. Една од најсериозните компликации е васкуларната оклузија, односно пореметување на протокот на крв во артериите, што може да настане при неправилно поставување на материјалот за полнење.

„Ефектите на васкуларната оклузија на лицето можат да бидат разорни, бидејќи, доколку не се лекуваат правилно, може да предизвикаат некроза, па дури и деформација на лицето“, истакнува авторката на студијата, д-р Роза Марија Силвејра Сигрист, радиолог и докторанд на Универзитетот во Сао Пауло, Бразил.

Тимот на д-р Сигрист анализирал случаи на васкуларни компликации предизвикани од филери во четири радиолошки центри, еден дерматолошки и еден центар за пластична хирургија во периодот од мај 2022 до април 2025 година.

Истражувањето опфатило 100 пациенти, а најчестиот наод, во 42 отсто од случаите, бил недостаток на проток во перфораторните крвни садови, кои ги поврзуваат површинските со подлабоките артерии на лицето. Во 35 отсто од случаите, проблемот бил во главните крвни садови, најчесто поврзан со латералната носна артерија.

„Областите околу носот се особено ризични, бидејќи крвните садови таму се поврзани со надворешниот каротиден систем преку лицевите артерии, но и со внатрешниот преку мрежницата на окото“, предупредува д-р Сигрист. Според неа, оштетување на овие крвни садови може да доведе до слепило или мозочен удар.

За третман на ваквите компликации, лекарите користат хијалуронидаза – ензим што ја разградува хијалуронската киселина.

„Доколку инјекторите не користат ултразвук, тие делуваат слепо. Но, ако можеме да го видиме ултразвучниот наод, можеме прецизно да го таргетираме местото на оклузијата. Така се користи помала количина хијалуронидаза и се постигнуваат подобри резултати“, објаснува таа.

Ултразвукот, освен за дијагностика, се покажува корисен и при самото инјектирање филери, овозможувајќи поголема прецизност и намалување на ризикот од компликации уште во стартот.

„Иако ултразвучните критериуми се добро воспоставени за мапирање на протокот на крв во каротидните артерии и екстремитетите, кај сложената и деликатна васкулатура на лицето потребен е референтен стандард“, додава д-р Сигрист.

Нејзиниот тим создава нов модел за препознавање на типичните обрасци на компликации предизвикани од филери, со цел радиолозите да можат навреме да реагираат и да спречат сериозни оштетувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот