Украинската фудбалска легенда Тимошчук ќе го избришат од историјата и ќе му ги одземат сите титули

Анатолиј Тимошчук имаше бројни титули со Шахтјор, Зенит и Баерн/Фото: EPA/ANTONIO BAT

Комитетот за етика и фер плеј на Украинската фудбалска федерација побара одземање на сите титули и почести на Анатолиј Тимошчук, поранешен репрезентативец на Украина кој моментно работи како помошник тренер во рускиот клуб Зенит од Санкт Петербург.

Претходните денови доби многу критики поради молкот по избувнувањето на конфликтот меѓу Русија и Украина. Малкумина го разбираат неговиот молк, вклучително и фактот дека единствениот украински играч кој беше во Зенит, Јарослав Ракицки, минатата недела побара раскин на договорот со рускиот гигант.

Исто така, на Украинците не им е јасно како тој продолжи да работи во Зенит по рускиот напад врз неговите сонародници. Јавно беше повикан од поранешниот репрезентативец на Украина Олександар Алиев и ѕвездата на Аталанта Руслан Малиновски, кои изјавија дека тој повеќе не е легенда на украинскиот фудбал.

– Од почетокот на руската воена агресија против Украина, Тимошчук, поранешниот капитен на украинската репрезентација, не само што не даде никакви јавни изјави во врска со тоа, туку не ја прекина соработката со клубот од земјата агресор. Во време кога неговиот поранешен клуб Баерн Минхен, објавува изјави за поддршка на Украина, Тимошчук продожува да молчи и работи за клубот агресот. Го нарушува имиџот на украинскиот фудбал и ја прекршува клаузулата од член 1.4 од Етичкиот кодекс и фер-плеј на федерацијата – се вели во соопштението на Фудбалсјата федерација на Украина.

Со оглед на горенаведеното, Комитетот за етика и фер игра на УАФ побара на Тимошчук да му биде одземена УЕФА Про лиценцата издадена од Центарот за лиценцирање на УАФ и да му бидат одземени сите државни награди и почесни титули.

Воедно е предложено да остане без сите трофеи од Украинското првенство, Купот на Украина, Суперкупот на Украина и индивидуалните признанија, а беше побарано Тимошчук да биде избришан од официјалниот регистар на играчи на украинската репрезентација каде го држи рекордот со 144 настапи.

Фото: Принтскрин/wikipedia.org/wiki/Anatoliy_Tymoshchuk

Со оглед на тоа што предлогот е објавен на официјалната веб-страница на украинската фудбалска федерација, извесно е дека предлогот ќе се реализира во наредните денови.

Тимошчук е дел од стручниот штаб на Зенит од 2017 година, по завршувањето на фудбалската кариера, а покрај за Зенит, меѓу другите, настапуваше и за Шахтјор Доњецк и Баерн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот