Украина вели дека веќе добила 90 отсто од парите што ѝ се предвидени од замрзнатиот руски имот
Украина досега обезбедила околу 45 милијарди долари, што претставува 90 отсто од планираното финансирање од приходите од замрзнатите руски средства, изјави министерот за финансии Сергиј Марченко, нагласувајќи дека е потребно дополнително ангажирање преку директно користење на тие средства, објави владиниот портал на Украина.
Препорачано
За време на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и на Светска банка, Марченко одржа низа состаноци со клучни меѓународни партнери, насочени кон спроведување на програмата со ММФ, обезбедување средства за 2026 година и забрзување на реформите.
Марченко се сретна и со министри за финансии од Јапонија, Франција и Норвешка, кои ја разгледаа економската состојба и последиците од војната врз буџетот.
Украинскиот министер за финансии истакна дека е неопходно да се воспостави целосен механизам за директно користење на замрзнатите руски средства, оценувајќи дека тие би можеле да станат клучен извор за финансирање на обновата на земјата, чии потреби се проценуваат на над 588 милијарди долари во следната деценија.
Тој посочи дека за ова веќе се разговара со повеќе партнери, вклучително и со Европската Унија, која неодамна одобри пакет помош од 90 милијарди евра за периодот 2026–2027 година, неопходен за буџетската стабилност.
И покрај војната, Украина очекува економски раст во 2026 година, но развојот и понатаму е сериозно ограничен од високите трошоци за одбрана, кои сочинуваат повеќе од две третини од државниот буџет.


