Украина го скрати американскиот мировен план од 28 на 19 точки
Украина значително го измени американскиот „мировен план“ за запирање на конфликтот, отстранувајќи дел од максималистичките барања на Русија, велат луѓе запознаени со преговорите, додека, пак, европските лидери предупредија во понеделникот дека брз договор не е можен, објави „Гардијан“.
Препорачано
Според извори, Володимир Зеленски може да се сретне со Доналд Трамп во Белата куќа подоцна оваа недела, во период на засилена комуникација меѓу Киев и Вашингтон. Украина инсистира Европа да биде директно вклучена во преговорите.
Првичниот план со 28 точки, составен минатиот месец од Кирил Дмитриев, специјален пратеник на Владимир Путин, и претставникот на Трамп, Стив Виткоф, бараше Украина да се повлече од градови кои ги контролира во источниот Донбас, да ја ограничи големината на својата армија и да не влезе во НАТО.
Европа го прекрои Трамповиот план, клучната точка 3 целосно исчезна
На неделните преговори во Швајцарија – предводени од американскиот државен секретар Марко Рубио и од шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак – планот беше суштински ревидиран и сега содржи само 19 точки. Киев и европските партнери инсистираат дека основата за разговори мора да биде постојната фронтова линија.
Тие велат дека нема да има признавање на територии освоени со воена сила, а Украина самостојно треба да одлучи за членството во ЕУ и НАТО – нешто што Кремљ сака да го забрани или да го услови. Првиот заменик-министер за надворешни работи на Украина, Серхиј Кислица, за „Фајненшел тајмс“ изјави дека овие прашања се „ставени во загради“ за Зеленски и Трамп дополнително да решаваат.
Рубио ги нарече неделните разговори „многу, многу позитивни“. Трамп, кој пред неколку дена ја критикуваше украинската власт дека покажува „нула благодарност“, во понеделникот испрати оптимистичка порака на „Трут соушал“.
Украинската делегација го информираше Зеленски во понеделникот по враќањето од Женева. Тие рекоа дека најновата верзија на планот е „пореална“. Зеленски посебно разговарал со потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, и побарал Европа да биде вклучена во процесот. Венс наводно се согласил.
Но, во најјасен знак дека оригиналниот план во 28 точки – кој многумина го сметаат за поволен за Москва – и понатаму не ги исполнува главните барања на Кремљ, главниот советник за надворешна политика на Путин изјави дека Москва ќе бара „преработка“ на делови од него.
Москва се сомнева дека новиот план за мир повеќе нема да биде поволен за Русија
„Ни беше предаден некаков нацрт… кој ќе бара дополнителна доработка“, рече Јуриј Ушаков, додавајќи дека „многу одредби“ се прифатливи за Русија, но други „ќе бараат детални дискусии и ревизии“.
Ушаков ја отфрли европската контрапонуда презентирана викендот, која, според верзија видена од „Ројтерс“, го менува значењето на клучните точки за НАТО и територијата.
Велика Британија и ЕУ биле затекнати кога оригиналниот документ протече во американските медиуми минатата недела. Армискиот секретар Ден Дрискол – универзитетски колега и близок пријател на Венс – бил испратен во Киев за да го информира Зеленски.
Оттогаш, европските влади се обидуваат да го ревидираат документот, за кој се смета дека бил првично составен на руски.
Туск за мировните преговори за Украина: Нема многу причини за прекумерен оптимизам
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, оцени дека има „нов моментум“, но додаде дека „остануваат проблеми“. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го нарече ревидираниот план „солидна основа за напредување“, но предупреди дека „останува уште работа“.
Шефовите на комисиите за надворешна политика на парламентите во 20 европски земји, меѓу кои Франција, Ирска, Полска, Шпанија и Британија, во ретко заедничко соопштение изјавија дека праведен и траен мир не може да се постигне со „попуштање пред агресорот“, туку мора да се темели на меѓународното право и на „целосно почитување на територијалниот интегритет, независност и суверенитет на Украина“.
Зеленски е во најранлива позиција од почетокот на војната, по корупциски скандал поради кој беа разрешени двајца министри, додека Русија бележи територијални придобивки на фронтот.


