Палестина , палестинско знаме / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

„УКИМци за Палестина“ до МНР: Осудете го пресретнувањето и задржувањето на цивилите од бродот „Мадлин“

Група студенти „УКИМци за Палестина“ го повикаа Министерството за надворешни работи (МНР) да ја поддржи меѓународна интервенција во случајот со „Мадлин“ – цивилен хуманитарен брод под знаме на Обединетото Кралство, кој сношти беше нападнат во меѓународни води од страна на израелските сили, додека беше на пат кон Газа, носејќи итна хуманитарна помош – вклучувајќи протези за деца, храна и филтри за вода.

– На бродот има 12 цивили, европски државјани ангажирани во хуманитарна мисија, и нема никаква комуникација со нив од моментот на нивното приведување и насилно задржување од страна на израелските сили. Меѓу приведените се и државјани на земји со кои Македонија има блиски дипломатски односи: Франција, Шведска, Германија, Турција, Шпанија, Холандија, како и членка на Европскиот парламент. Ова претставува сериозно прекршување на меѓународното право, вклучувајќи ги и повелбите на Конвенцијата на Обединетите Нации за правото на морето (UNCLOS) и меѓународното хуманитарно право. Употребата на сила и приведувањето на цивили во мирна хуманитарна мисија, во меѓународни води, е незасновано и незаконско – велат студентите.

Тие го повикаа МНР да го осуди пресретнувањето и задржувањето на цивилите од бродот „Мадлин“, да испрати официјална дипломатска нота до Израел со барање за итно ослободување и безбеден повраток на приведените и да ја спроведе заложбата на Македонија за почитување на меѓународното право, заштита на хуманитарните работници и превенција од геноцид.

– Вашата одлука да не го поддржите правото на самоопределување на Палестинците беше срамна за сите луѓе во оваа земја. Зборувате за меѓународно право, учествувате во Обединетите Нации, а во исто време не правите ништо. Учеството во меѓународниот систем не е само за дополнителни средства за владините избраници, бескрајни бранчови и јакнење на односите со Израел – туку е обврска за почитување и одбрана на меѓународното право – порачаа тие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот