Луќе пијат кафе во кафeтрија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Угостителите и понатаму евтино ќе плаќаат за летните тераси, само 5 денари од квадрат дневно

Советниците на денешната седница на Советот на Град Скопје не сметаа дека моменталната цена за користење простор пред деловните објекти е ниска и не го прифатија предлогот за измена на одлуката за комунални такси, со која се предлагаше враќање на цената од 15 денари за квадрат, која се применуваше до перидот на коронавирусот, поточно до 2020 година.

Сопствениците на угостителските објекти, кои се наоѓаат на улиците што се во надлежност на Град Скопје и понатаму за поставување маси пред своите локали ќе плаќаат минимална цена од 5 денари за метар квадратен од ден.

Колку е евтино користењето на јавниот градски простор покажува едноставната математика која вели дека за летна тераса од 20 квадрати кафанџиите месечно плаќаат 3.000 денари или 50 евра, а за простор од 100 метри квадратни 15.000 денари или 250 евра.

Станува збор за објекти кои се наоѓаат на плоштад, покрај кеј, на улица Македонија, на градските улици и булевари, додека угостителите чии објекти се лоцирани на локалните, општински улици, плаќаат повисока комунална такса, односно во зависност од одлуките на општинските совети од 8 до 15 денари за квадрат дневно.

Советниците на денешната седница на Советот на Град Скопје не сметаа дека моменталната цена за користење простор пред деловните објекти е ниска и не го прифатија предлогот за измена на одлуката за комунални такси, со која се предлагаше враќање на цената од 15 денари за квадрат, која се применуваше до перидот на коронавирусот, поточно до 2020. Тогаш тарифата беше намалена на 5 денари, за да им се помогне на угостителите, но иако короната помина, ниската такса за летните тераси си остана.

За советникот од СДСМ, Гордан Шутаров токму тоа што дури сега се предлага враќање на тарифата е една од причините зошто неговата советничка група не ги гласаше измените.

Поминати се години по коронавирусот и не е јасно зошто сега во 2025 година, се менува и се предлага највисоката тарифа. Досега не видовме ниедна одлука за траен отпис на комунални такси кои се застарени, туку шест месеци пред мандатот се предлага зголемување на цената. Нема да ја поддржиме зашто и 5 денари се во рамките на законски предвидената тарифа – рече Шутаров.

Освен објаснувањето на Шутаров, советниците од ВМРО-ДПМНЕ и од другите партии застапени во Советот не дадоа образложение зошто се против зголемувањето на износот на таксата, а за измените гласаа само неколкумина.

Од Град Скопје во образложението на предлогот посочија дека со измените се врши враќање на износот што важеше пред состојбата со коронавирусот, но и заради еднаков третман на сите угостители во градов.

Враќањето на тарифниот број 3 се бара со цел еднаков третман на субјектите кои имаат потреба од поставување на урбана опрема со користење на јавна површина. Ова од причина  што комуналната такса на улиците што се под надлежност на општините во Град Скопје останаа непроменети, односно за градски улици се пресметува 5 денари на метар квадратен додека за општинските во зависност во која општина припаѓа од 8 до 15 денари на квадрат, цени кои се дефинирани со одлуки на советите на општините – посочија од Градот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот